Аргентина и Чиле покажуваат како државите можат да ги приспособат своите политики кон новата глобална реалност во која бакарот и критичните минерали стануваат стратешки важни за економијата.
Двете земји постигнуваат напредок во обновувањето на својот рударски договор од 1997 година, со што треба да се олесни реализацијата на бинационални проекти во Андите. Компаниите ќе можат да користат заедничка инфраструктура и да развиваат наоѓалишта независно од границите меѓу двете држави.
Целта е да се привлечат милијарди долари нови инвестиции во бакарот.
Овој пример покажува колку брзо се менува пристапот кон минералните ресурси во светот.
Во Македонија, пак, потенцијалот постои, но инвестициите и понатаму се соочуваат со долги процедури и неизвесност.
Иловица е најконкретниот пример. Геолошките истражувања покажале значителни ресурси и резерви, со вкупно 237 милиони тони ресурси и резерви и 225 милиони тони руда, во кои се проценети околу 410 илјади тони бакар.
Планираниот производствен капацитет предвидува експлоатација од околу 10 милиони тони руда годишно, со просечно производство од повеќе од 10 илјади тони бакар годишно.
Тоа се количини кои можат да создадат нов економски циклус преку инвестиции, работни места, извоз и локален развој.
Но, доколку ресурсите останат само во геолошките карти, Македонија нема да има економска корист од нив.
Денес прашањето веќе не е дали светот ќе има потреба од бакар. Потребата расте, а државите се натпреваруваат кој ќе обезбеди сигурни извори на суровини.
Прашањето е дали Македонија ќе биде дел од таа трка или повторно ќе остане настрана додека други ги претвораат своите ресурси во инвестиции, производство и работни места.
Додека Македонија тапка во место, голем број држави засилено спроведуваат геолошки истражувања за присуство на критични минерали, особено бакарот чија цена расте на светските берзи на метали. Дури и наоѓалиштата што во минатото биле закочени повторно се активираат, каков што е примерот од најновата соработка меѓу Аргентина и Чиле.
„Двете земји одобрија оперативни протоколи за рударските проекти „Викуња“, „НексоАндино“ и „Фило Сур“, чии минерални наоѓалишта се протегаат на границата помеѓу аргентинската покраина Сан Хуан и чилеанскиот регион Атакама“, се вели во соопштението на чилеанската влада, без да се откријат дополнителни детали.
Министерот за рударство на Чиле, Даниел Мас претходно изјави дека рамката би можела да помогне во отклучување на повеќе од 20,7 милијарди долари инвестиции за нови 540.000 тони во годишното производство на бакар.
Според пишувањата, за инвеститорите клучна атракција е транспортот, односно потенцијалот што го имаат аргентинските проекти во близина на границата на Андите, за пристап до чилеанските пристаништа. На тој начин, ќе се искористи инфраструктурата поврзана со најголемата индустрија за производство на бакар во светот, намалувајќи ги трошоците и помагајќи во пуштањето во употреба на нови рудници.
„Развојот на бинационални проекти создава огромни можности за чилеанските добавувачи, за користење на чилеанската инфраструктура, за обезбедување услуги за аргентинската индустрија и за развивање партнерства“, истакна Хоакин Виларино, раководител на Советот за рударство на Чиле.
Аргентина не произведува бакар од затворањето на рудникот Алумбрера во 2018 година. Но, овие проекти во развој би можеле да ја сместат меѓу 10-те најголеми производители на бакар во светот до 2030 година, велат аналитичарите. Заедно со Чиле, Аргентина би можела да биде клучен центар за снабдување со метал кој е критичен за енергетската транзиција.
