Шпанија го засилува истражувањето на бакарот, Македонија сè уште не го користи потенцијалот од Иловица

Од:

Во шпанската Андалузија во тек се дури 73 геолошки истражувања насочени кон пронаоѓање на 27 стратешки минерали потребни за Европската Унија. Регионот е еден од клучните центри на европското рударство и сочинува околу 90% од вредноста на шпанското метално рударство.

Производството на метални руди во Андалузија надминува 1,2 милијарди евра годишно, а секторот обезбедува повеќе од 8.000 работни места. Локалните власти паралелно работат на зголемување на сопствениот ресурсен потенцијал и намалување на зависноста од увоз.

Спротивно на овој тренд, Македонија со години нема отворено нов рудник за метални суровини. Единствениот сериозен најавен проект за експлоатација на критичен минерал останува Иловица–Штука, каде се планира ископ на бакар.

Проектот е најавен како една од најголемите гринфилд инвестиции во земјава, со почетна инвестиција од околу 350 милиони евра во првите две години. Според проекциите на инвеститорот, изградбата би отворила околу 1.000 директни работни места, додека за време на оперативната фаза би имало околу 500 директни и 2.700 индиректни вработувања.

Додека европските региони активно ги бараат и развиваат новите минерални ресурси, кај нас и веќе потврдениот потенцијал за бакар во Иловица сè уште останува неискористен.

Додека кај нас се регистрираат негативни тенденции во рударството, покраинската влада во Андалузија информира дека се проучуваат вкупно педесет минерали, од кои 27 се на листата на критични суровини на ЕУ. Министерот за енергетика, индустрија и иновации, Хорхе Парадела тврди дека Андалузија е клучна рударска сила за иднината на Европа и дека реактивирањето на геолошките истражувања ја покажува посветеноста на властите во Андалузија кон уреден и планиран развој на нејзиното геолошко наследство.

 

Меѓу рудите коишто се испитуваат се бакарот, магнезиумот, бизмутот и арсенот, кои се неопходни за електрификацијата, електронската, автомобилската, челичната и фармацевтската индустрија. На нив им се придружуваат литиумот, кобалтот и никелот, клучни компоненти во батериите за електрични возила, како и ретките земни елементи, неопходни во ветерниците и електронските уреди. Регионалното министерство соопшти дека тие го усогласуваат регионот со европските политики за критични суровини, за да се намали надворешната зависност на Унијата.

 

73-те активни дозволи опфаќаат 80 општини и се распределени меѓу осумте провинции. Хуелва води со 38 дозволи, Севиља има дванаесет, Кордоба осум; Алмерија и Хаен по шест, а Кадиз, Гранада и Малага по една дозвола. Како што пишуваат локалните медиуми, оваа распределба ја потврдува важноста на Иберискиот пиритски појас, една од најголемите области во светот со полиметални масивни сулфиди.

Регионот веќе има два проекта класифицирани како стратешки проекти на Европската Унија и поддржани од Регионалното министерство. Едниот е  „Циркулар-Атлантик Бакар“, кој ја позиционира општината Хуелва на чело на ископот на метали со поддршка од 7,6 милиони евра, а вториот проект е постројка за преработка на бакар „Лас Крусес“, со 3,44 милиони евра помош.

 

Како што додаваат локалните медиуми, рударството во покраината коегзистира со земјоделството и туризмот и придонесува во економијата како еден од најстабилните извори на приход во регионот, а сегашниот потенцијал лежи во откритието на нови резерви на бакар, литиум и ретки земни елементи. Според анализата, прашањето не е дали има недостаток на минерали, туку колку брзо секое откритие се трансформира во стабилен и еколошки здрав проект. Објавата надедува дека усогласувањето со Директивата за критични материјали на ЕУ, претставува за регионот историска можност за намалување на својата зависност од трети страни и да воспостави сопствена развиена индустрија.

 

Би можело да ве интересира

HELLENiQ ENERGY ја пушти во употреба својата прва батериска постројка за складирање електрична енергија во Солун

Коридор 8 и критичните минерали отвораат стратешка можност за Македонија

Димитриеска-Кочоска: Со јавните финансии управуваме одговорно – Ребалансот е навремена реакција на новите економски услови

Рударските инженери повторно стануваат дефицитарна професија: САД бараат 6.000 нови кадри

Ивона Трајановска од Бизнис Арена: Македонските компании имаат потенцијал за раст надвор од домашниот пазар

Фондот на ПИОМ: Неточни се наводите дека Мемов изјавил оти Фондот „нема да издржи“, исплатата на пензиите е сигурна и редовна