Во периодот од 24 до 27 август 2026 година, до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) пристигнале повеќе од 130 пријави од граѓани за пронајдени угинати птици. Дел од пријавите се однесувале на свежо угинати птици, но најголем дел се за птици кои се во напредна фаза на распаѓање и не се погодни за лабораториско испитување за присуство на вирусот на Западнонилска треска, велат од АХВ.
„Досега се добиени три позитивни лабораториски резултати. Присуството на вирусот е потврдено кај два угинати гаврани пронајдени на подрачјето на Скопје и кај еден угинат гавран пронајден на подрачјето на Ресен. Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со спроведување активности за утврдување на епидемиолошката состојба и процена на ризикот од инфекции со вирусот на Западнонилска треска“, велат од АХВ..
Активниот надзор ќе се спроведува на целата територија на државата и ќе опфати живина одгледувана за некомерцијални цели, односно живина во дворови и селски стопанства, птици кои се чуваат во затворени или оградени простори, како и одгледувалишта на водени птици во дворови и селски стопанства.
„Имајќи предвид дека со досегашното следење на Западнонилската треска е потврдена циркулација на вирусот кај птиците на територијата на град Скопје, нема потреба од понатамошно лабораториско испитување на поединечни случаи на угинати птици на ова подрачје. Граѓаните треба да обрнат особено внимание доколку на исто подрачје, во краток временски период, забележат поголем број угинати гаврани или други диви преселни птици. Во таков случај потребно е да ја известат Агенцијата за храна и ветеринарство“, велат од АХВ, додавајќи дека за поединечни случаи на угинати птици на територијата на град Скопје, граѓаните треба да се обратат до надлежните комунални служби, односно до ЈП „Комунална хигиена“, за нивно собирање и соодветно отстранување.
