Топлотните бранови што ја зафатија Белгија од 18 јуни до 16 август предизвикале 2.935 дополнителни смртни случаи, што претставува зголемување на смртноста за 22,6 отсто во однос на очекуваното ниво, соопшти денеска белгиската јавна здравствена организација „Сајенсано“.
– Најголемото зголемување на смртноста е регистрирано во периодот од 18 јуни до 3 јули. Во тие две недели биле евидентирани 2.035 дополнителни смртни случаи, односно смртноста била за дури 48,8 отсто повисока од очекуваното, се наведува во извештајот на „Сајенсано“, пренесува „Брисел тајмс“.
Топлотниот бран започнал на 18 јуни, кога максималните температури достигнувале околу 30 степени Целзиусови и биле регистрирани во десет последователни денови.
Во рамки на тој период имало и три дена со температури од околу 35 степени Целзиусови, што дополнително го зголемило влијанието на екстремните горештини врз здравјето на населението.
Податоците покажуваат дека продолжените периоди со високи температури можат значително да влијаат врз смртноста, особено кога топлотните бранови траат повеќе денови и се проследени со екстремно високи температури.
