Либерално-демократската партија (ЛДП) бара Владата јавно и недвосмислено да се огради од, како што велат, глорификацијата на Ратко Младиќ, правосилно осуден на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства.
Од партијата велат дека ова не е прашање на политички став или национална припадност, туку на почитување на правосилно утврдени факти.
„За геноцидот нема ‘друга страна на приказната’ кога фактите се утврдени со правосилни пресуди на меѓународните судови“, велат од ЛДП.
Особено недозволиво, според партијата, е глорификацијата да биде поврзана со носители на високи државни функции. ЛДП бара Владата да се огради од постапувањето на министерот за локална самоуправа и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и да утврди политичка одговорност.
„Не може Македонија пред Брисел да се повикува на европски вредности, а дома Владата да молчи кога нејзини функционери учествуваат во величење на лице осудено за геноцид“, наведуваат од ЛДП.
Партијата бара случајот да биде разгледан и од аспект на евентуална кривична одговорност. Од ЛДП се повикуваат на член 407-а од Кривичниот законик, кој се однесува на јавно негирање, грубо минимизирање, одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства преку информациски систем.
Затоа, ЛДП бара МВР и Јавното обвинителство, во рамките на своите надлежности, по службена должност да ги испитаат сите објави, изјави и дејствија поврзани со случајот и, доколку се исполнети законските услови, да постапат согласно Кривичниот законик.
„Државната функција не смее да биде штит од законот“, порачаа од партијата.
ЛДП предлага и донесување сеопфатна законска рамка со која би се забранило јавното величење и промовирање на лица правосилно осудени за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, како и промовирањето на фашистички, нацистички и други тоталитарни и насилни идеологии што поттикнуваат омраза и нетрпеливост.
Според партијата, забраната треба да се однесува и на именувањето и регистрацијата на здруженија, фондации, клубови, организации, јавни установи, улици, плоштади и други јавни обележја.
Од ЛДП бараат и образовниот систем да биде заштитен од историски ревизионизам, а геноцидот, злосторствата против човештвото и воените злосторства да се изучуваат врз основа на историски и судски утврдени факти.
„Европска држава не се гради со европски пароли, туку со европски вредности. Почитувањето на жртвите и осудата на геноцидот се црвена линија“, велат од ЛДП.
