Утрово во Белград се собраа неколку илјади луѓе кои сакаат да му оддадат почит на правосилно осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, поранешен командант на Војската на Република Српска, одговорен за геноцидот во Сребреница.
Неговиот ковчег беше изложен во црквата „Свети Лука“ на Видиковац, а граѓаните пристигнуваа уште од раните утрински часови и чекаа во ред за да влезат во црквата.
„Ти го спаси народот“, низ солзи порача синот на Младиќ.
„Самиот Бог те водеше низ тој воен виор. Куршум не те сакаше. Со хеликоптер помина низ далновод под напон. Заедно паднавме со хеликоптер во Купиново, а никому не му недостигаше ни влакно од главата. Трипати беше ранет, гранати паѓаа на неколку метри од тебе, но Бог те чуваше. Каде што дојде ти со војската, таму денеска има Срби“, изјави синот на Младиќ.

Европската комисија денеска оцени дека Ратко Младиќ не бил погребан со државни почести, иако во неговото испраќање учествуваа припадници на Војската на Србија, шестмина членови на српската влада и синот на претседателот Александар Вучиќ, а почесната единица на гробиштата испука три плотуни.
Погребот на Младиќ формално не беше прогласен за државен, но имаше низа обележја на официјално државно испраќање. Неговиот ковчег го носеа припадници на Војската на Србија, го поставија на топовски лафет и го придружуваа до гробното место, а беше прекриен со знамињата на Србија и на Република Српска.
„Слушнавме дека бил предвиден погреб со државни почести, но тоа не се случи“, изјави портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо.
Шест министри, синот на Вучиќ, рускиот амбасадор и врвот на Република Српска
На погребот присуствуваа министерот за одбрана Братислав Гашиќ, министерот за правда Ненад Вујиќ, министерот за култура Никола Селаковиќ, министерот без ресор Ненад Поповиќ, министерот за јавни инвестиции Дарко Глишиќ и министерката за труд Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски.
Присутен беше и Данило Вучиќ, синот на српскиот претседател Александар Вучиќ, како и повеќе највисоки функционери на Република Српска, меѓу кои Милорад Додик, Жељка Цвијановиќ, претседателот на Република Српска Синиша Каран и премиерот Саво Миниќ.
И рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко присуствуваше на испраќањето на Ратко Младиќ во Белград и му оддаде почит на правосилно осудениот воен злосторник.
Боцан-Харченко беше во црквата „Свети Лука“ на Видиковац, каде што беше изложен ковчегот на Младиќ. Тој му оддаде почит и му изрази сочувство на неговиот син Дарко.

ЕК сугерира дека притисокот имал ефект
Пињо го претстави фактот дека погребот формално не бил прогласен за државен како знак дека притисокот од Брисел можеби имал ефект.
„Слушнавме дека бил предвиден погреб со државни почести, но тоа не се случи“, повтори таа, додавајќи дека им остава на новинарите да го проценат значењето на ставот на Европската комисија.
Новинарите ја прашаа врз основа на што Комисијата заклучила дека немало државни почести, имајќи го предвид учеството на Војската на Србија и на голем број државни функционери.
„Србија треба да одлучи како ќе го организира погребот. Ние јасно го изнесовме нашиот став“, одговори Пињо.
Европската комисија во изминатите денови повеќепати ја предупреди Србија поради величењето на Младиќ. Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, ја откажа планираната посета на Србија откако Белград одлучи да испрати државен авион во Холандија за да го преземе телото на Младиќ.
Поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор, пак, изјави дека очекува „неспособната Фон дер Лајен веднаш да ги суспендира преговорите со Србија“.
Телекомуникациските канали во БиХ го прекинаа сигналот на телевизиските канали од Република Српска поради преносот од погребот на Младиќ.
Младиќ беше правосилно осуден на доживотен затвор поради геноцидот во Сребреница, како и поради воени злосторства и злосторства против човештвото извршени за време на војната во Босна и Херцеговина. Почина на 27 август во Хаг, каде што ја издржуваше доживотната затворска казна.
