Основниот кривичен суд Скопје денеска ја одложи главната расправа во предметот за наводни злоупотреби во АД „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите е и поранешниот вицепремиер Артан Груби.
Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски образложи дека одлагањето е потребно за обвинетите и нивните бранители да имаат доволно време да извршат увид во доставените докази, да се запознаат со нивната содржина, да ја подготват одбраната и да достават листа на докази што предлагаат да бидат изведени во текот на постапката.
– Судот оцени дека обвинетите и нивните бранители треба да добијат потребно време за увид во доказите и за ефективна подготовка на одбраната, имајќи го предвид и барањето на бранителот на обвинетиот Бојан Јанев за оставен рок за подготовка, поради што главната расправа се одлага – истакна судијката.
Наредните рочишта се закажани за 7, 11, 16, 18, 23 и 30 септември, како и на 2, 8, 9, 15, 16, 20 и 21 октомври.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски. Обвинителите најавија изведување на 231 материјални докази, вештачења и искази на седум сведоци.
Според обвинителниот предлог поднесен од Основното јавно обвинителство Скопје, Артан Груби и уште седум лица се товарат дека во текот на 2023 и 2024 година со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ од над 507 милиони денари. На сите обвинети им се става на товар кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување.
Првообвинетиот, поранешниот директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, сè уште е недостапен за органите на прогонот и се бара негов притвор по пронаоѓање, додека за Артан Груби Обвинителството бара продолжување на мерката куќен притвор.
Груби беше уапсен во февруари годинава на граничниот премин Блаце, по повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот, по што наместо ефективен притвор му беше определен куќен притвор поради безбедносни причини.
