Прекрасна музичка вечер исполнета со раскошен звук, енергија и препознатливиот македонски музички сензибилитет донесе настапот на Националниот џез оркестар во рамките на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
На сцената Долни Сарај, оркестарот ги претстави новите аранжмани на македонски народни песни, како и оригинални авторски композиции инспирирани од македонската фолклорна традиција. Концертот „Македонски сновиденија“, под диригентство на Владимир Николов, беше енергична фузија на традиционалниот македонски фолклор и современиот џез, а специјален гостин беше врвниот трубач Питер Сомуа од Гана.
Посебно место во програмата имаше новиот аранжман на познатата македонска народна песна „Билјана платно белеше“, изработен по иницијатива на компанијата А1 Македонија, генерален спонзор на „Охридско лето“. Аранжманот е на пијанистот Гордан Спасовски, а нејзината нова џез-верзија беше уште еден впечатлив пример за современо интерпретирање и оживување на македонското музичко наследство.
Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, истакна дека воведувањето на програмата „OH JAZZ“ претставува природно проширување на фестивалската понуда и одговор на интересот на публиката за различни музички жанрови.
-Сакавме да внесеме дополнителна динамика во програмата и да отвориме простор за современи музички изрази и нова публика, без притоа да го нарушиме основниот концепт и идентитет на „Охридско лето“. Новитет годинава е блокот од четири џез-вечери, на кои настапуваат и светски музичари. Големиот интерес на публиката, за дел од концертите и барањето карта повеќе, ни покажуваат дека „Охридско лето“ има простор да се развива, без да го изгуби својот препознатлив уметнички израз. Во иднина планираме понатамошно развивање и надградување на оваа програма, со гостувања на врвни светски имиња од џез-уметноста“, рече Цуцковски.
Според директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски, присуството на различни музички жанрови дополнително го збогатува значењето и уметничкиот квалитет на фестивалот.

-„Охридско лето“ не е само најголемиот фестивал во Македонија, туку има поинакво реноме и во регионот. Затоа е важно џезот да биде присутен на овој фестивал. Со поголемата застапеност на џез-музиката само се зголемува шаренилото на различни жанрови во музиката“, вели Стевковски.
Националниот џез оркестар, еден од водечките биг-бенд состави во регионот, обединува врвни домашни џез-музичари и меѓународно признати гости-уметници. Со иновативната програма и бројните распродадени настапи, оркестарот изгради препознатливост како национален џез-бренд.
Ден претходно џез-програмата на „Охридско лето“ започна со концертната премиера на „Orthodoxia Kai Thanatos“ на Крсте Роџевски, реализирана во црквата „Света Софија“. Македонскиот пејач, гитарист и композитор, кој повеќе од две децении е дел од авангардната њујоршка „даунтаун“ сцена, пред охридската публика го претстави своето најново музичко остварување, засновано на византиско пеење и збогатено со експериментални и фри-џез елементи.
Со Роџевски настапија Христијан Моневски и Дамјан Палоски на вокален исон, како и Андреа Мирческа и Оливер Јосифовски на контрабас – инструментален исон.
Творештвото на Роџевски е препознаено од најзначајните имиња на њујоршката експериментална и импро-џез сцена, со соработки со Бил Ласвел, Томика Рид, Крис Дејвис, Икуе Мори, Мери Халворсон, Ингрид Лауброк, Џеф Паркер, Никол Мичел, Кен Вандермарк и други. Неговите албуми добиваат одлични критики во реномирани музички изданија, а „The Rabbit and the Fallen Sycamore“ беше вброен меѓу најдобрите албуми на 2018 година според списанието DownBeat.
Во рамките на новата програма „Џез вечери“ настапија и „Дине Донеф трио“ со проектот „Storytales“, имагинарна песнарка од балади, приспивни песни, приказни и обредни мотиви, инспирирани од македонското народно поетско наследство, а фестивалската публика ќе има можност да ужива и во настапите на Нубаја Гарсија, Питер Сомуа и бендот Kiioto.
Со четирите џез-вечери, „Охридско лето“ оваа година отвори ново музичко поглавје, создавајќи простор за нови уметнички соработки, различни музички искуства и нова фестивалска публика.
