Македонските автори и книги пред светската издавачка јавност во Франкфурт

Од:

Денеска во Франкфурт започна 78. издание на Саемот на книгата во Франкфурт, еден од најзначајните светски собири на издавачката индустрија, на кој Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) ја претставува македонската книжевност со национален штанд и програма насочена кон промоција на македонските автори и кон создавање нови можности за преводи и меѓународна соработка.

Во текот на саемските денови, претставниците на издавачките куќи членки на МАИ ќе ја претставуваат актуелната македонска книжевна продукција и авторите застапени во каталозите, а предвидени се и средби со странски издавачи, литературни агенти, преведувачи и други професионалци од меѓународниот издавачки сектор.

На националниот штанд македонското книжевно творештво годинава е претставено во три сегменти. Првиот е посветен на нови современи македонски автори и наслови, со избор на дела што го отсликуваат актуелното домашно книжевно творештво и неговиот потенцијал за меѓународна афирмација. Вториот сегмент ги претставува македонските книги што веќе се преведени и објавени во странство – дела што покажуваат дека македонските приказни успешно го наоѓаат својот пат до читателите на други јазици. Третиот сегмент е посветен на литературата за деца, преку посебен каталог со избор од најрепрезентативните македонски автори и илустратори за деца.

Утре, на 8 октомври, на македонскиот национален штанд, МАИ ќе организира посебен промотивен настан посветен на современата македонска книжевност и можностите за нејзина поголема меѓународна присутност. Пред меѓународната професионална публика ќе бидат претставени македонските автори и актуелната книжевна продукција застапени во каталозите.

Посебен дел од настанот ќе биде посветен на можностите македонските дела да добијат свои изданија на други јазици. Пред странските издавачи ќе биде презентиран актуелниот Конкурс на Министерството за култура и туризам за финансирање превод и објавување на домашните дела на странски јазици, како конкретен механизам за поддршка на нивниот превод и објавување во странство. Со поврзувањето на авторите и делата, заинтересираните странски издавачи и достапната финансиска поддршка за превод, МАИ настојува националниот штанд да функционира не само како изложбен простор, туку и како место за иницирање конкретни соработки, преводи и нови странски изданија.

Националниот штанд и годинава го продолжува препознатливиот визуелен и комуникациски концепт „Читај во 7/8“, кој го користи карактеристичниот македонски ритам како метафора за книжевност со сопствен ритам, глас и идентитет.

Саемот на книгата во Франкфурт ќе трае до 11 октомври, а во текот на саемските денови делегацијата на МАИ ќе продолжи со презентација на македонските автори и со професионални средби насочени кон воспоставување нови контакти, продажба на авторски права, преводи и меѓународни издавачки партнерства.
Националното претставување на македонската книжевност на Саемот на книгата во Франкфурт се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Би можело да ве интересира

„Точка нула“ од Артем Чех во „Матица“: Кога пишувањето станува наредба

Јован Јосифовски е добитник на Наградата ДЕНЕС 2026

„Денови на македонската поезија“ по 36-ти пат во Гетеборг

Во Битола отворено јубилејното 35. издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интрерфест“

Почнува новото издание на АКТО – фестивал за современи уметности

“Кориолан“ на Битолски театар на магичната сцена на Бутринт, Албанија награден со стоечки овации