Во пресрет на одбележување на 35 години независна Македонија се разви полемика, партиски расправи и пресметки за тоа, чија е заслугата или кој ги оспорува фактите на процесот на градење на современа македонска држава, се наведува во соопштението од Демократски сојузо.
– Гледано од денешна перспектива, во деведесеттите години актуелните водства на повеќето политички партии имаа многу малку или воопшто немаа никакво влијание во процесите на осамостојување на државата.
Тешкиот пат и товарот на раздвојување на Македонија од Југославија го понесоа тие што не се сликаа на бината на Градскиот плоштад во Скопје, туку со стратегија, планови и оружје, успеаја да се спротивстават на ЈНА и да ги удрат темелите на државата.
Беше тешко да се борите против водство на државата кое дел беше да се остане со Србија, преку наводна скратена Југославија, а дел тајно работеше Македонија да се приклучи кон Бугарија.
Македонците заедно со сите други граѓани и покрај опструкциите на референдумот за независност, цврсто и јасно ја искажаа вековната определба за самостојна и независна Македонија.
Сакаме да им честитаме на сите граѓани, но и на сите полицајци, оперативци, старешини и водството на Министерството за внатрешни работи, како и на припадници на армијата, кои направија сѐ процесот на осамостојување да се одвива брзо и да се заврши со историски успех. Во ова време, на Македонија очајнички ѝ треба единство, а не поделби. Затоа повикуваме на натпревар со идеи и конкретни дела за современа европска Македонија, велат од партијата.
