Денес низ Британска Колумбија беше прогласена вонредна состојба поради шумски пожари, што предизвика евакуација на речиси 22.000 луѓе, соопштија денес официјални лица во најзападната канадска покраина.
Премиерот на Британска Колумбија, Дејвид Аби, изјави дека на сите 12.000 жители на округот Самерленд им е наредено да ги напуштат своите домови, бидејќи шумскиот пожар во Болд Рејнџ брзо се шири кон заедницата, објави CBS News.
Аби изјави дека десетици шумски пожари горат надвор од контрола во покраината, од кои најопасен е пожарот во Болд Рејнџ, кој се смета за закана за животот и безбедноста. Други 9.700 луѓе добија наредба да се подготват за евакуација во секое време, а Еби ги повика сите што имаат наредби за евакуација веднаш да ги напуштат своите домови ако веќе не го сториле тоа, велејќи дека пожарите се шират со неверојатна брзина.
Пожарот го прекина снабдувањето со електрична енергија во округот, соопштија официјални лица, а автопат во тој дел од земјата е затворен во двата правци. Пожарот започнал околу 15 километри северозападно од Самерленд, кој се наоѓа на југозападниот крај на езерото Оканаган, околу 250 километри источно од Ванкувер.
Пожарот Болд Рејнџ пораснал на 50 квадратни километри за три часа откако првпат e откриен во петокот попладне, изјави Ерик Томпсон, портпарол на Центарот за управување со вонредни состојби во регионалниот округ Оканаган-Симилкамин. Денес во Британска Колумбија горат 105 пожари, од кои 70 започнале во изминатата недела.
Канада во последните години претрпе катастрофални сезони на пожари што ги принудија властите да спроведат масовни евакуации.
Чадот од пожарите во Канада постојано се шири низ огромни области и им се заканува на Соединетите Американски Држави.
