Уставниот суд го известил Јавното обвинителство и Судскиот совет дека не е извршена неговата одлука со која е утврдена повреда на слободата на јавно изразување на новинарката Наташа Стојановска.
Станува збор за одлуката БЗСП.бр.8/2025, со која Уставниот суд на 24 септември 2025 година утврдил дека на Стојановска ѝ биле повредени слободите и правата поврзани со слободата на јавно изразување на мислата. Повредата била сторена со две судски пресуди – на Основниот граѓански суд Скопје од 15 јуни 2022 година и на Апелациониот суд Скопје од 19 декември 2024 година.
Случајот повторно се најде пред Уставниот суд откако на 22 мај 2026 година адвокатот Филип Медарски, полномошник на Стојановска, го известил Судот дека одлуката не е извршена. Имено, предлогот на Стојановска за повторување на постапката пред Основниот граѓански суд бил отфрлен.
По ова известување, на работен состанок одржан на 15 јули 2026 година, уставните судии со мнозинство гласови одлучиле да донесат посебно решение со кое ќе утврдат дека нивната одлука не е извршена.
На седницата одржана на 22 јули, Уставниот суд го донел решението со кое констатирал дека Одлуката БЗСП.бр.8/2025 не е извршена. Судот извршил детален увид во решението П4-240/22 од 4 мај 2026 година, донесено од судијата кој постапувал по предметот во Основниот граѓански суд Скопје.
Од Уставниот суд посочуваат дека првостепениот суд се повикал на одредби од Законот за парничната постапка и оценил дека одлуката на Уставниот суд не може да биде основ за повторување на постапката како нов факт или доказ.
Сепак, според Уставниот суд, судијата не ги зел предвид уставно утврдените правни карактеристики и дејството на одлуките на Уставниот суд – нивната конечност, извршност и општа задолжителност. Со тоа, како што констатира Судот, во суштина не била извршена неговата одлука.
„Уставниот суд смета дека ваквите случаи треба да се согледуваат низ призмата на целовитоста на Уставот, особено на непосредната уставно-судска заштита кои ги уживаат правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот“, се наведува во образложението.
Уставниот суд дополнително посочува дека во Основниот граѓански суд веќе постоела пракса на земање предвид на неговите одлуки кога станува збор за заштита на слободите и правата.
Како пример се наведува одлуката У.бр.146/2021 од 12 јули 2023 година. По нејзиното донесување, Основниот граѓански суд ја прифатил како нов факт и нов доказ и како основ за повторување на постапката во правосилно завршениот предмет МАЛВП-705/20. Овој пристап подоцна бил прифатен и од Апелациониот суд Скопје со решение од 7 ноември 2024 година.
Оттука, Уставниот суд оценил дека Основниот граѓански суд во случајот на Наташа Стојановска не овозможил остварување на нејзините уставни слободи и права, иако нивната повреда претходно била утврдена со одлука на Уставниот суд.
Особено значајно е што ова е првпат Уставниот суд да го примени новиот механизам за извршување на сопствените одлуки, предвиден со Актот на Судот кој стапил во сила во септември 2024 година.
Од Судот посочуваат и дека конечноста и извршноста на нивните одлуки се заштитени со кривично-правни санкции во случаи кога тие не се извршуваат.
Дали во конкретниот случај постои одбивање за извршување на одлуката и дали има основ за кривична одговорност на определено лице е прашање за кое се надлежни Јавното обвинителство и судот.
Случајот на Наташа Стојановска се однесува на настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Таа, како акредитиран новинар на „24 Вести“, била во Собранието за да известува за изборот на нов претседател на законодавниот дом, кога по насилниот упад била изложена на закани и заплашување и била спречена да ја врши својата новинарска задача.
Уставниот суд утврдил дека во тој случај не ѝ била обезбедена соодветна заштита од надлежните државни органи, со што биле повредени нејзините уставно загарантирани права.
