Уставниот суд упати остри критики до политичките партии кои, според него, во изминатиот период се обидуваат да ја партизираат и политизираат неговата работа со цел да стекнат политички поени и поголема јавна видливост.
Во соопштението Судот наведува дека унапредувањето на меѓународната соработка било ставено во дневнополитички контекст и искористено за партиски пресметки, нагласувајќи дека меѓународната соработка претставува една од неговите стратешки определби и составен дел од институционалното дејствување.
Како дел од тие активности, Уставниот суд посочува дека годинава потпишал три меморандуми за соработка со Уставниот суд на Косово, Врховниот уставен суд на Египет и, пред два дена, со Уставниот суд на Србија. Дополнително, Судот оваа година претседава со Балканскиот форум на уставни судови и учествува на значајни меѓународни настани.
Од Судот порачуваат дека ќе останат доследни на својата уставна надлежност и независност и дека нема да подлегнат на политички притисоци, влијанија или обиди за дискредитација.
Во соопштението се апелира политичките фактори да покажат поголема уставна и политичка култура и да не ги водат партиските конфронтации „на грбот на владеењето на правото и институциите кои се најповикани да го штитат уставниот поредок“.
Уставниот суд оценува дека се недозволени квалификациите од одредени политички субјекти дека неговите одлуки се „неуставни“ или „незаконски“, потсетувајќи дека, согласно член 112 од Уставот, одлуките на Судот се конечни, извршни и општозадолжителни.
Воедно, Судот ги повика политичките партии да се воздржат од повици за протести насочени против владеењето на правото и наместо тоа да покажат посветеност кон европските вредности и интересите на граѓаните.
Од Уставниот суд нагласуваат дека за нив не е релевантно какви имиња носат улиците, училиштата или другите инфраструктурни објекти, бидејќи тоа се политички одлуки. Она што, според Судот, е предмет на оценување е дали тие одлуки се донесени во законски пропишана постапка.
Како пример за своето независно и објективно работење, Судот ги посочува одлуките поврзани со законитоста на постапката за преименување на улиците во Општина Чаир.
На крајот, Уставниот суд ги повика сите политички чинители да покажат одговорност и воздржаност во јавната комуникација и да се воздржат од, како што наведува, ширење невистини и манипулации на сметка на институцијата која е чувар на Уставот и уставно-правниот поредок.
