ВИДЕО: Инфантино призна пораз, го повлече контроверзниот план за Светското првенство

Од:

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, објави дека се откажува од контроверзниот проект „FIFA Forward Enterprise“, со кој планираше да им овозможи на приватни инвеститори да влезат во сопственичката структура на комерцијалните права на Светското првенство.

Како што соопшти, проектот нема да продолжи бидејќи не ја добил потребната поддршка од членките на ФИФА, по силното противење на водечките континентални фудбалски организации – УЕФА, АФЦ и КОНКАКАФ.

„На самиот почеток рековме дека проектот ќе го спроведеме само ако мнозинството членки се согласат со него. Откако ги сослушавме сите страни, стана јасно дека ја немаме потребната поддршка“, изјави Инфантино.

Тој додаде дека ФИФА ќе продолжи да бара начини за зајакнување на фудбалот, особено во земјите на кои им е најпотребна финансиска поддршка.

Што предвидуваше планот?

Проектот „FIFA Forward Enterprise“ предвидуваше формирање нова комерцијална компанија која ќе управува со најголемите натпреварувања на ФИФА, вклучувајќи го и Светското првенство, а истовремено ќе овозможи влез на приватни инвеститори.

Според британскиот весник The Times, Инфантино на секој од 211-те национални фудбалски сојузи им понудил можност да добијат до 35 милиони евра доколку го поддржат предлогот. Новата програма требаше да биде вредна 8,7 милијарди евра и да започне на 1 јануари 2027 година.

Доколку предлогот бил одбиен, ќе продолжеше да важи постојната програма FIFA Forward, вредна околу 2,7 милијарди долари.

Планот наиде на силен отпор, особено во Европа. Сите 55 членки на УЕФА, меѓу кои и Фудбалската федерација на Македонија, едногласно ја поддржаа можноста за бојкот на Светското првенство доколку ФИФА продолжи со планот за продажба на удел во своите натпреварувања на приватни инвеститори.

Во соопштението по состанокот, УЕФА порача дека „едногласно и недвосмислено го отфрла“ предлогот за пренос на сопственички удели во Светското првенство и другите натпреварувања на ФИФА на приватен капитал.

Дополнителен удар за Инфантино беше оставката на неговиот главен советник Карлос Кордеиро, поранешен претседател на Фудбалската федерација на САД и поранешен потпретседател на инвестициската банка Goldman Sachs.

Кордеиро смета дека продажбата на удел во Светското првенство би била штетна за иднината на фудбалот, а неговото заминување дополнително ја ослабна позицијата на Инфантино во ФИФА.

Инфантино во последните месеци се соочува со критики и поради случувањата за време на Светското првенство.

Тој беше обвинет за мешање откако американскиот претседател Доналд Трамп побарал да се преиспита црвениот картон на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун, чија суспензија набргу потоа беше укината.

Иако Инфантино тврдеше дека одлуката ја донел независниот Дисциплински комитет на ФИФА, подоцна беше објавено дека настапот на Балогун го одобрил претседателот на Дисциплинскиот комитет, Мохамед Ал Камали. Поради овој случај, Норвешката фудбалска федерација најави дека ќе поднесе официјална пријава до Етичкиот комитет на ФИФА.

Би можело да ве интересира

„Америка веќе подготвува нови воени напади врз Иран овој викенд, а целта е иранскиот подземен комплекс“

Катерина Ѓуровски

Трамп: Заканата од Газа нема да се повтори, постигнат е договор за разоружување

Горан Наумовски

Германски политичар бара забрана за Инфантино на сите стадиони во земјата

Азија против планот на ФИФА: „Ова е целосно неприфатливо“

Предраг Петровиќ

Пламна конфликт помеѓу УЕФА и ФИФА

Горан Наумовски

ФИФА го продава Светското првенство на приватни компании, Европа се подготвува за бојкот