Само еден ден откако Владата најави ново задолжување преку МЕПСО, М-НАВ и Лотарија, Мицкоски се пофали дека Македонија има повисок економски раст од просекот на Европската Унија. Ако економијата навистина бележи таков раст, тогаш зошто државата од месец во месец бара нови задолжувања, додека граѓаните плаќаат сè поскапа храна, повисоки сметки и живеат со сè понизок животен стандард? Ако економијата навистина е толку силна како што тврди премиерот, тогаш зошто Владата постојано бара нови извори на задолжување? Зошто од месец во месец ја товари државата со нов долг? Очигледно е дека приказната за „економскиот раст“ нема никаква врска со подобрување на домашното производство, инвестициите или животниот стандард на граѓаните, тврдат од Левица.
– Напротив. Домашното производство стагнира, земјоделството бележи пад, минималната плата не мрда од место, а цените продолжуваат да растат. Инфлацијата во Македонија достигна 4,5%, значително повисока од просекот на Европската Унија од 2,9%, што значи дека македонските граѓани плаќаат сè повеќе за основните производи, додека нивните приходи остануваат исти.
Во сета оваа ситуација, каде е министерот за економија Бесар Дурмиши? Додека Мицкоски секојдневно држи прес-конференции и најавува дека „размислува“ како ќе се справи со цените, ресорното министерство молчи. Каде се инспекторатите? Каде се конкретните мерки? Каде е министерот кој треба секојдневно да дава отчет за состојбата со цените и животниот стандард?
Повеќе од 72% од вработените во Македонија земаат плата пониска од просечната, а синдикалната потрошувачка кошничка достигна околу 85.000 денари. Денес ниту две просечни плати не се доволни за едно четиричлено семејство да ги покрие основните месечни трошоци. Тоа е реалната економија што ја чувствуваат граѓаните, а не онаа што ја претставува Владата на прес-конференции.
Не може Владата истовремено да се фали со рекорден економски раст, а секој месец да бара нови кредити. Кога платите стагнираат, цените растат, производството опаѓа, а државата се задолжува од месец во месец, тогаш единственото што расте е товарот што оваа власт им го остава на сегашните и идните генерации, велат од партијата.
