Уште една странска компанија ја затвора својата инвестиција и ја напушта Македонија. За само две години, три американски и германски инвеститори донесоа одлука да го прекинат или да го преселат своето производство, што претставува сериозен удар за економијата и за вработените, велат од ДУИ.
– Ова веќе не може да се претставува како изолиран деловен случај. Инвеститорите гледаат држава без јасна европска перспектива, со испразнет буџет, економска неизвесност, нарушени односи со соседите и сè потензични меѓуетнички односи.
Последиците директно ги чувствуваат граѓаните. Со затворањето на инвестициите се губат работни места, се намалува економската активност и дополнително се зголемува иселувањето на младите и на квалификуваните работници.
Демократската унија за интеграција бара Владата веднаш да соопшти колку работници ќе останат без работа, дали и други компании најавиле повлекување и кои конкретни мерки ги презема за задржување на постојните инвеститори.
Заедно со инвеститорите си заминуваат и работните места, надежта и можноста за подобар живот. Владата мора да преземе одговорност за економската несигурност што ја создаде, велат од партијата.
