Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) објави снимка од апсењето на жител на Хабаровск осомничен за шпионажа за разузнавачката служба на Нов Зеланд, при што кај него се пронајдени околу 100.000 долари во готово.
Според ФСБ, уапсениот Русин лично контактирал со Службата за безбедност и со разузнавачката служба на Нов Зеланд, која е дел од разузнавачката алијанса „Пет очи“, во која се вклучени и САД, Велика Британија, Канада и Австралија, објави РИА Новости.
ФСБ вели дека човекот, роден во 1971 година, дал информации што би можеле да се користат против безбедноста на Русија во замена за пари.
Во соопштението се додава дека новозеландската разузнавачка служба се обидува да добие информации за воено-техничката соработка на Русија со земјите од Азиско-пацифичкиот регион.
Уапсениот е обвинет за предавство.
При претрес на неговиот стан, соопшти ФСБ, пронајдени се околу 100.000 долари во готово.
Видеото објавено од службата прикажува плик со околу дваесет снопчиња банкноти, од кои секое содржи по 5.000 долари, се вели во соопштението на ФСБ.
Покрај парите, на видеото се прикажани и предмети од станот, вклучувајќи модели на германска и јапонска воена опрема.
ФСБ изјави дека осомничениот е притворен и потсети дека според рускиот закон, кривичното дело предавство може да се казни со доживотен затвор.
