Лидерката на најголемата опозициска партија во Исланд, Партијата за независност, Гидрун Хафштајндотир, денес ги повика европските политичари да не се мешаат во референдумот во земјата за повторно отворање на преговорите за членство во ЕУ, кој треба да се одржи следниот месец. Таа за „Политико“ од Брисел изјави дека е исклучително важно одлуката во август да му се остави на исландскиот народ и дека прашањето се допира до суштината на националниот идентитет на Исланд.
– Луѓето едноставно треба да ги остават Исланѓаните да поминат низ ова, без странско влијание. Независноста е емотивна за Исланѓаните. Ние сме независни само околу 100 од 1.200 години, рече Хафштајндотир, која е и членка на исландскиот парламент.
Таа му рече на Брисел дека Исланд е близок пријател и сака силна соработка, но дека пријателството не бара членство.
„ЕУ треба да го почитува фактот дека Исланд може да биде сигурен европски партнер надвор од Унијата“, рече таа.
Нејзината десничарска Партија за независност, која има 14 од 63 места во исландскиот парламент, тврди дека сегашниот однос на земјата со ЕУ веќе ги носи придобивките од тесната соработка без обврските за членство.
„Нашето место во светот е јасно: Ние сме европска демократија. Прашањето на овој референдум не е дали Исланд треба да соработува со Европа, бидејќи ние веќе го правиме тоа секој ден“, рече Хафштајндотир.
Прашањето, рече таа, е дали Исланд треба да ги предаде клучните одлуки за рибарството, земјоделството и економската политика на ЕУ. „И верувам дека тоа не е во интерес на Исланд“, рече таа. Заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за анексија на Гренланд – кој тој постојано го нарекуваше „Исланд“ за време на говорот на Светскиот економски форум претходно оваа година – ја интензивираа дебатата за тоа како малите арктички држави треба да се заштитат во односите со поголемите сили и го зајакнаа аргументот за влез на Исланд во ЕУ, при што Хафштајндотир тврди дека тоа ја истакнува потребата од силни сојузи без да се откаже од контролата врз националните одлуки.
Порталот од Брисел потсетува дека Исланд нема постојана армија и се потпира на НАТО и неговите партнери за својата одбрана, а Хафштајндотир нагласува дека историјата на земјата е доказ дека може да ги брани своите интереси без да се приклучи на ЕУ.
„Водевме само една војна, а тоа беше Војната со бакаларот против Велика Британија“, рече таа, осврнувајќи се на конфликтите околу правата за риболов во 1970-тите, кои завршија во корист на Исланд, додавајќи дека Исланд е млада земја на која ѝ се потребни силни сојузи, но и способност да донесува одлуки што одговараат на нејзините национални интереси.
Исланд ќе одржи референдум на 29 август за тоа дали земјата треба да ги продолжи преговорите за пристапување со Брисел, а предвременото гласање започнува денес.
Референдумот нема да одлучи дали Исланд ќе се приклучи на ЕУ, бидејќи секој евентуален договор за членство би барал второ јавно гласање.
Анкетите покажуваат дека прашањето за повторно отворање на преговорите е добро избалансирано, иако јасно мнозинство останува против самото членство, пренесува Танјуг.
Референдумот е дел од ветувањето дадено од трипартитната коалиција на премиерката Кристун Фростадотир кога таа ја презеде функцијата кон крајот на 2024 година, коалиција наречена „Влада на валкири“ бидејќи сите три партии се предводени од жени, вклучувајќи ја и партијата што го поддржува членството во ЕУ.
Фростадотир рече дека референдумот имал за цел да ја реши „дебатата што се надвиснува над исландската нација“. Неколку претставници на ЕУ изразија оптимизам во врска со можноста за продолжување на разговорите, вклучувајќи ја француската европратеничка и лидерка на групата „Обнови ја Европа“ Валери Хајер, комесарката за проширување Марта Кос и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
