Силното невреме проследено со ветер, пороен дожд и локални врнежи предизвика материјални штети во повеќе региони низ државата. Регистрирани се паднати дрвја, оштетени кровови, прекини во електроснабдувањето, поплавени објекти и оштетувања на инфраструктурата, додека екипите на надлежните институции се на терен и работат на расчистување на последиците.
Во Скопје, по 17 часот, преку Единствениот број за итни повици 112 биле примени повеќе од 9.000 повици од граѓани, најголем дел поврзани со последиците од невремето. Пријавени се паднати дрвја, оштетени возила и кровни конструкции, скинати електрични кабли и паднати бандери на повеќе локации низ сите скопски општини.
Во Тетово не се регистрирани потешки случаи што барале итна интервенција. Пријавени се помали материјални штети, а состојбата е оценета како стабилна.
Во Вардарскиот регион, кој ги опфаќа Велес, Свети Николе, Лозово, Кавадарци и Неготино, евидентирани се паднати дрвја и гранки, оштетени кровови и прекинати електрични кабли. Во делови од Свети Николе, Лозово, Чашка и околните населени места има прекини во снабдувањето со електрична енергија поради оштетувања на мрежата. Во индустриската зона во Кавадарци, паднати електрични жици предизвикале пожар, кој брзо бил локализиран.
Во Куманово се пријавени повеќе случаи на паднати дрвја, оштетени фасади и кровови, паднати бандери и кабли, како и дрвја што паднале врз возила. Сите пријави се проследени до надлежните служби.
Во Пелагонискиот регион, последици се регистрирани во прилепскиот дел, каде што силниот ветер откорнал лимен кров од управната зграда на ЈП „Национални шуми – Црн Бор“. Во тек е расчистување на штетите.
Во Источниот регион најголеми последици има во Пробиштип, Кочани и Штип. Во Пробиштип се оштетени кровови на приватни и стопански објекти, паднати се дрвја, гранки и оџаци, оштетени се возила, блокиран е патот од селото Ратавица кон Злетово, а има и прекини во снабдувањето со струја.
Во Кочани се оштетени кровни конструкции, паднати се дрвја и бандери, поплавени се подруми, а околу 80 проценти од градот останал без електрична енергија. Поради прекин на работата на пумпите било нарушено и водоснабдувањето, по што заседавал Општинскиот кризен штаб.
Во Штип, покрај повеќето паднати дрвја што го отежнувале сообраќајот, оштетена е и кровната конструкција на објект на улицата „Вита Поп Јорданова“. Силен ветер подигнал околу половина од кровот на Клиничката болница во Штип, при што биле поплавени дел од болничките простории. Противпожарните екипи и јавните претпријатија интервенираат на терен.
Во Виница се регистрирани само паднати гранки, без поголеми последици.
Во Струмичко се евидентирани прекини во нисконапонската електрична мрежа, скинати жици, паднати столбови, оштетени кровови, урнат билборд и откорнати дрвја. Пријавени се и штети во земјоделството, каде што се оштетени оранжерии, однесени се фолии, а настрадале и земјоделски и раноградинарски култури.
Надлежните служби продолжуваат со активности за отстранување на последиците и нормализирање на состојбата во погодените подрачја.
