Цевките биле во употреба 22 дена, анализите покажуваат огромни отстапувања во водата во Гостивар

Од:

Цевките преку кои, според истрагата, во системот за водоснабдување во Гостивар се внесувала загадена површинска вода, биле во употреба од 25 јуни до 16 јули, односно цели 22 дена, покажуваат наодите на Основното јавно обвинителство Гостивар.

Истрагата е отворена против директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, техничкиот раководител на Секторот за технички работи и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи. Тие се осомничени за кривичното дело „Тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење“.

Според Обвинителството, на 25 јуни осомничените им наредиле на вработени да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода, во непосредна близина на преливната комора на системот за водоснабдување, наводно за тестирање на притисокот. При увидот извршен на 16 јули, било утврдено дека две од пумпите сè уште работеле и преку црева пренесувале вода од каналот во комората со вода за пиење, што довело до мешање на загадената вода со водата од системот за водоснабдување.

Лабораториските анализи на Институтот за јавно здравје покажале екстремни отстапувања од дозволените вредности. Во примероците од површинската вода биле измерени 2.419,6 cfu/100 мл колиформни бактерии, иако максимално дозволената вредност изнесува 50 cfu/100 мл. Поради ова, водата е оценета како многу загадена и неупотреблива за каква било намена.

Отстапувања се утврдени и во примероците од каптираниот извор, каде биле пронајдени 39 cfu/100 мл колиформни бактерии, иако според стандардите нивното присуство треба да биде нула. Регистриран бил и зголемен број аеробни мезофилни бактериски колонии.

Дополнително, анализата на примерок земен од чешма на улицата „ЈНА“ во Гостивар покажала и значително зголемена концентрација на резидуален хлор – 1,1 мг/л, што е повеќе од двојно над максимално дозволената вредност од 0,5 мг/л, односно далеку над препорачаниот опсег од 0,2 до 0,3 мг/л.

Обвинителството наведува дека загадувањето предизвикало промени кои не можат лесно да се отстранат, поради што е отворена истражна постапка. Тројцата осомничени се лишени од слобода, а во текот на денот јавниот обвинител ќе одлучи какви мерки ќе предложи до судот.

Би можело да ве интересира

Владата прогласи кризна состојба во Гостивар

Катерина Ѓуровски

Се бара притвор за директорката и раководителите во „Комуналец“ Гостивар

Филипче: Ризик во Гостивар постои од поголема катастрофа, труење со храна и хепатит

Катерина Ѓуровски

Во Гостивар во изминатото деноноќие прегледани вкупно 198 пациенти, нема промени во клиничката слика

Тројцата осомничени за загадувањето на водата во Гостивар изведени пред судија на претходна постапка

Последниот извештај од 13 јули покажувал дека водата во Гостивар е исправна, нелегалните пумпи откриени три дена подоцна