Гостиварци се без вода и по болници, партиите продолжуваат да се препукуваат

Од:

Политичките партии ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и СДСМ со меѓусебни обвинувања реагираа по епидемијата на гастроентеритис во Гостивар, додека институциите продолжуваат со истрагата за причините за загадувањето на водата за пиење.

Од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија локалната власт во Гостивар, предводена од коалицијата СДСМ, ДУИ и Арбен Таравари, дека не ги исполнила ветувањата за подобри услови за живот и дека граѓаните ги оставила без безбедна вода за пиење. Од партијата велат дека по скандалот со водата и големиот број граѓани со симптоми на труење, локалните власти не понеле одговорност и бараат целосно расветлување на случајот и утврдување на одговорност.

ВМРО-ДПМНЕ упати критики и кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, повикувајќи се на неговиот мандат како министер за здравство.

Од коалицијата ВЛЕН соопштија дека здравјето и безбедноста на граѓаните на Гостивар се апсолутен приоритет и дека преку државните институции секојдневно се обезбедуваат 50.000 литри бесплатна вода за пиење, која се дистрибуира на повеќе локации во градот додека се во сила препораките и мерките.

Од ВЛЕН очекуваат лабораториските анализи да бидат објавени што е можно побрзо и истрагата да продолжи до целосно утврдување на причините за случајот.

СДСМ, пак, оцени дека епидемијата не избувнала преку ноќ, туку се развивала со денови, при што, како што наведуваат, институциите уште во раната фаза имале информации за зголемениот број заболени и сомнежи за небезбедност на водата.

Според партијата, надзорот утврдил дека во главниот цевковод била поставена нелегална пумпа без одобрение, преку која директно се вбризгувала вода од реката Вардар во водоводниот систем. СДСМ смета дека институциите реагирале предоцна, бидејќи епидемијата била прогласена дури откако бројот на заболени достигнал речиси 2.000 лица.

Од партијата бараат одговор на прашањата зошто не било постапено веднаш по првите предупредувачки сигнали и кој ќе сноси одговорност за доцнењето во реакцијата.

Истрагата за причините за загадувањето на водата во Гостивар ја водат надлежните институции, а Основното јавно обвинителство и здравствените власти најавија дека по завршувањето на анализите ќе бидат соопштени сите наоди и евентуалната одговорност.

Би можело да ве интересира

Левица: На гостиварци им течел отров од чешмите, институциите потфрлиле

Угостителите и сите оператори со храна во Гостивар мора да користат техничка вода – непочитувањето ќе се казнува

Цевките биле во употреба 22 дена, анализите покажуваат огромни отстапувања во водата во Гостивар

Загадена вода преку пумпите на „Комуналец“ влегла во главниот водовод, Обвинителството објави детали

Истрага против три лица за загадување на водата во Гостивар – не може да се употребува за ниту една намена

А1он

МЗ: Забележано почетно намалување на бројот на новoпрегледани пациенти во Гостивар

А1он