СВР Куманово поднесе кривична пријава против 18-годишната П.А. од липковското село Лојане и две малолетнички, на возраст од 14 и 15 години од Куманово, поради сомнение дека сториле кривично дело „насилство“ по член 386 став 3 од Кривичниот законик.
Според полицијата, на 13 март годинава, околу 18 часот, трите осомничени повикале 14-годишно девојче да излезе од нејзиниот дом, по што ја убедиле да влезе во просторија во близина на спортскиот центар „Соколана“ во Куманово.
Таму, најпрво ја навредувале, а потоа физички ја нападнале, при што целиот инцидент го снимале со мобилен телефон.
По нападот, според пријавата, тие ѝ се заканиле на малолетничката да не го пријавува случајот и да не зборува за видеото, предупредувајќи ја дека во спротивно ќе ѝ се случи „нешто уште полошо“.
Полицијата соопшти дека случајот е расчистен и против трите осомничени е поднесена соодветна кривична пријава.
