Група демократски американски сенатори ги повикаа своите колеги сенатори да го блокираат усвојувањето на законот за воени трошоци сè додека Сенатот не дебатира за предлозите за продлабочување на воената и разузнавачката соработка со Израел. Во писмото што го виде Ројтерс, а го предводи сенаторот од Мериленд, Крис Ван Холен, демократите ги повикуваат сенаторите да се спротивстават на понатамошното разгледување на Законот за овластување за национална одбрана (NDAA) сè додека не се одржи дебата за одредбите што ја зајакнуваат воената и разузнавачката соработка меѓу САД и Израел.
– Како демократи во Сенатот, нашите гласови не треба да му овозможат на претседателот Доналд Трамп дополнително да ги продлабочи односите на САД со екстремистичката влада на (израелскиот премиер) Бенјамин Нетанјаху, се наведува во писмото.
Писмото го потпишаа и демократските сенатори Џеф Меркли, Ед Марки и Елизабет Ворен, како и независниот сенатор Берни Сандерс, кој работи со демократите.
Конгресот моментално го подготвува Законот за овластување за национална одбрана (NDAA) за оваа година, со кој би се одобрил најголемиот дел од предложениот воен буџет на Трамп од 1,5 трилиони долари.
Верзиите на законот одобрени од комисиите на Претставничкиот дом и Сенатот содржат одредби за продлабочување на одбранбената соработка меѓу САД и Израел, пренесува Танјуг. Во писмото, исто така, се наведува дека нацрт-Законот за овластување за разузнавање за фискалната 2027 година, кој обично е прикачен на NDAA, дополнително би ја зајакнал разузнавачката соработка со Израел.
