ДУИ денес официјално повика на учество на вториот протестен марш, кој ќе се одржи в сабота во Тетово, како реакција на одлуката на Уставниот суд за укинување на одлуката за именување на улиците и враќање на старите имиња. Од партијата нагласија дека протестот ќе биде мирен и граѓански, со цел, како што велат, да се заштитат Охридскиот рамковен договор, уставниот поредок и правната сигурност.
Според ДУИ, одлуката на Уставниот суд е непосреден повод за протестот, но незадоволството, како што наведуваат, е пошироко и се однесува на, според нив, слабеењето на механизмите што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор.
Од партијата потсетуваат дека Советот на Општина Тетово ја донел одлуката за именување на улиците во согласност со законот и со потребното двојно мнозинство. Тврдат дека Владата не реагирала во законски предвидениот рок, што, според Законот за локална самоуправа, значело дека актот е одобрен. Дополнително, велат дека одлуката повторно била усвоена за да се отстранат сите процедурални дилеми, но и тогаш Владата не презела никакви мерки.
Според ДУИ, одлуката за именувањето на улиците била дел од правниот поредок речиси две децении, а најновата одлука на Уставниот суд создава преседан што отвора прашања за правната сигурност и за начинот на кој се третираат прашањата поврзани со Охридскиот рамковен договор.
Партијата ја критикуваше и Општина Тетово, наведувајќи дека во текот на постапката пред Уставниот суд не доставила побарани појаснувања и документација, со што, според ДУИ, не успеала правно да ја одбрани сопствената одлука.
Во соопштението се посочува и дека идните одлуки на Уставниот суд, меѓу кои и очекуваната одлука за Законот за употреба на јазиците, треба да бидат засновани на Уставот, Охридскиот рамковен договор и принципот на правна сигурност.
