Претседателот на Владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва изјави дека во претстојната реконструкција ВМРО-ДПМНЕ добива два нови ресора – здравство и социјална политика, демографија и млади, Вреди – култура, правда и министер за односи меѓу заедниците, додека ЗНАМ го добива министерството за земјоделство, а тие ќе имаат и плус еден заменик министер. Мицкоски не сакаше пред седницата на Извршниот комитет да ги соопшти персоналните решенија.
Во овој состав на Владата, премиерот во интервју за емисијата Директно на ТВ Телма, рече дека нема да има потпретседател на Владата задолжен за владеење на правото и дека тие работни обврски ќе ги извршува секретар од неговиот Кабинет.
На вечерашната седница на Извршниот комитет Мицкоски кажа и дека ќе ги информира членовите дека во тек се преговори со Турската демократска партија да биде дел од коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и има еден пратеник во Собранието. Потври дека владиното мнозинство ќе се зголеми за сметка на коалицијата предводена од ДУИ.
– Очекувам овие разговори да завршат успешно. Разговараме за подолг период кој би завршил со локланите избори во 2029 година- рече Мицкоски.
Во првата фаза, како што кажа, би имало осум смени во зависност од тоа како ќе се завршат преговорите со ДПТ. – Така ќе имаме дополнително уште еден член во рамки на владината коалиција – рече премиерот.
