Алиу и Љутков без одговор дали остануваат министри: Преговорите за реконструкција на Владата се во тек

Од:

Министрите за здравство Азир Алиу и за култура и туризам Зоран Љутков денеска не открија дали ќе останат на актуелните функции во пресрет на најавената реконструкција на Владата, посочувајќи дека разговорите меѓу коалициските партнери сè уште траат.

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека неговиот политички ангажман не зависи од функцијата што ја извршува и дека одлуката кој ќе раководи со министерствата е институционално, а не лично прашање.

„Јас не сум ја почнал мојата кариера со политичка функција и не верувам дека ќе ја завршам мојата кариера со политичка функција. Тоа не е здраво ниту за мене, ниту за политичката инфраструктура во земјата“, рече Алиу.

Тој нагласи дека секој ден работи како да му е последен на функцијата и дека без разлика дали ќе остане министер, ќе продолжи да придонесува како експерт или професор.

„Дали мојот придонес ќе биде како министер, како експерт или како професор – не знам. Но, имам обврска кон луѓето кои веруваат во мене дека нема да застанам тука, без разлика дали сум или не сум министер за здравство“, изјави Алиу.

Во меѓувреме, министерот за култура и туризам Зоран Љутков потврди дека преговорите за реконструкцијата сè уште се во тек и изрази очекување дека до крајот на неделата ќе има повеќе информации.

„Во процес се преговорите и се надевам дека до крајот на оваа недела ќе ги имате информациите“, рече Љутков.

На прашањето дали сака да остане на чело на ресорот, тој одговори дека без оглед на исходот, ќе продолжи да ја поддржува културата.

„На средина сме на процесот. Што и да се случи, јас сум тука и секогаш стојам зад културата. Културата е нашиот идентитет, нашата традиција и мислам дека е најважното министерство во една влада“, изјави Љутков.

Изјавите на двајцата министри доаѓаат во период кога се интензивираат преговорите меѓу владините партнери за реконструкција на Владата и можна прераспределба на министерските ресори. Според изјавите на претставници на коалициските партнери, конечен договор сè уште нема, а разврска се очекува во наредните денови.

Би можело да ве интересира

ЗНАМ: Нема конечен договор за владината реконструкција, сите опции се отворени

Левица: Додека Алиу брои „продуктивност“ пациентите во Струга се оставени на милост и немилост – хирурзите излегоа на протест

Горан Наумовски

По 17 јуни ќе има реконструкција на Владата, најави Мицкоски

A1on

Алиу: Коцкањето претставува сериозен здравствен ризик

Алиу: Заштитата на здравјето е приоритет, законот против штетите од тутунот помина во прво читање

Горан Наумовски

Алиу: Градиме здравство што одговара на потребите на граѓаните