Бугарскиот амбасадор во земјава вчера бил повикан во нашето Министерство за надворашни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) и од него било побарано објаснување и темелна истрага за објавувањето на дипломатската нота во јавноста за патување во Пампорово на сопругата и синот на претседателот на Владата Христијан Мицкоски. Истовремено за случајот се информирани и претставници на нашите стратешки партнери и НАТО, информираше денеска на прес-конференција министерот Тимчо Муцунски изразувајќи сериозна загриженост за вакците постапки во соседна Бугарија.
– Во текот на вчерашниот ден беше повикан амбасадорот на Бугарија во МНР каде што го изразивме високиот степен на незадоволство и нарушувањето на односите преку еден ваков гест и побаравме објаснување и темелна истрага од страна на соседна Бугарија како е дојдено до ваква ситуација – изјави министерот за надворешни работи.
Муцунски нагласи дека и согласно меѓународното право вакво нешто е неприфатливо во меѓусебни односи независно од тоа што, како што рече, некои држави имаат меѓусебни политички тензии, па дури и војуваат.
– Тоа е за нас еден неприфатлив начин на меѓусебно функционирање посебно кога се во прашања движења на членови на семејства на државни функционери. Безбедноста е прв приоритет. И на територијата на нашата држава постојано се случува да се движат членови на семејства на високи странски претставници, сами странски претставници, некогаш и во приватни цели, но никогаш не се случило таков документ да излезе во јавност. И доколку би се случило такво нешто првиот чекор што би го направил е јас да се извинам на таа држава, бидејќи очигледно немало доволно висок степен на безбедност во рамките на институцијата. Второ што за мене е загрижувачко е што излегуваат лични податоци поврзани со сопруга на претседател на оваа Влада и со малолетно дете – рече Муцунски.
Потсети дека кога се случи инцидентот пред бугарската амбасада МНРи МТ јавно го осуди чинот и институциите во најбрз можен рок постапија и се воспоставила комуникација со претставниците на соседна Бугарија.
Муцунски вели дека е очигледно е дека постои една сериозна мрежа на онлајн страници на социјалните медиуми, ботовски мрежи, портали кои се занимаваат не само со нив како претставници на државата туку се повеќе и повеќе со нивните семејства. Посочи дека се забележува „постојана опседнатост со семејството на претседателот на Владата“, но исто така потсети и на лажните вести дека неговиот дедо бил бугарски војник.
– Не го кажувам ова за некоја форма на оправдување. Мојот дедо е починат во 1997 година. Каков е тој однос на таа една цела медиумска мрежа која гради наративи со семејства на политичари. Слободно напаѓајте не нас. Оставете ги нашите семејства – рече Муцунски.
Во однос на последните средби и дијалогот со официјалните претставници на Бугарија рече дека во последниот месец има добиено засилена динамика и смета дека е добро.
– Соседни земји треба да комуницираат и на тие средби најголем дел од времето точно е поврзано суштински со предизвикот на нашиот европски пат, односно блокадата која што Софија ја има поставено, но дискутираме и за другите. Мојата средба со министерката ја сметам за корисна, средбата на претседателката со претседателката Јотова ја сметам за корисна. Вчера се слушнав со претседателот на Собранието, Гаши и тој имал прилично корисна средба. Очигледно е дека по прашањето за европските интеграции имаме навистина различен став и различна интерпретација за тоа што се наши европски обврски и треба да се најде соодветен механизам да се разјасни тоа. Но и за нас што е битно, да се постават цврсти гаранции дека не треба да влеземе во еден постојан процес на билатерализација – рече Муцунски.
Повтори дека толкувањето на Бугарија се дека уставните измени и Акцискиот план не се единствени прашања од билатерална природа коишто тие ги толкуваат како европски прашања. – И токму тука лежи она за кое ние подолг период зборуваме, но токму тука лежи и она прашање за кое ние активно секојдневно работиме да најдеме решение за истото, бидејќи од една страна ние кажуваме не сме подготвени за вакви услови – да се движиме по пат којшто е непредвидлив и има ризик… И да се усвојат уставни измени и Акциски план, хипоптетички, во рок од две недели повторно да се соочиме со иста ситуација – рече Муцунски. Потенцира дека Владата вложува максимален напор да изнајде достоинствено решение кое ќе трасира јасен и предвидлив пат на нашиот кон полноправно членство и силно работи на рефорсмката агенда.
Во однос на Акцискиот малцински план, документ кој што е од експертска природа, Муцунски вели дека тој лично не гледа некоја суштинска пречка од соседна Бугарија од експертска природа.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија има определно кандидат за амбасадор во Софија од редот на професионалните дипломати од МНРиМТ, но како што кажа министерот Муцунски, се уште не може да го соопшти неговото име.
