Албанскиот премиер Еди Рама го критикуваше учеството на граѓани од Северна Македонија и Косово на протестите што се одржуваат во Албанија, оценувајќи дека тие не можат да се сметаат за албанска дијаспора.
Во објава на социјалните мрежи, Рама порача дека Албанците од Северна Македонија и Косово се дел од своите држави, а не дијаспора на Албанија.
„Албанците од Северна Македонија не се дијаспора на Албанија на туѓа територија. Заедно со Македонците, тие се составен народ во својата земја. Дијаспората се емигранти кои живеат во странски земји, а не тие, ниту Албанците од Косово, кои имаат своја независна држава“, напиша Рама.
Тој ги обвини организаторите на протестите дека донеле учесници од Приштина и Тетово и оцени дека тие се „жртви на политички каравани“.
Според Рама, користењето албански национални симболи и знамиња на протестите со цел соборување на владата во Тирана му штети на угледот на Албанците во регионот и на меѓународната сцена.
Албанскиот премиер изнесе и обвинувања за финансирањето на протестите, тврдејќи дека нивните спонзори трошат средства за да го нарушат имиџот на Албанците од Косово и Северна Македонија.
Осврнувајќи се на истакнувањето на знамето на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Рама оцени дека станува збор за „сквернавење“ на симболот на ослободителната борба.
„Никогаш нема да ми излезе од памет сквернавењето на ослободителното знаме на ОВК, кое се издига како знаме на омраза за соборување на владата во Тирана“, напиша тој.
Во реакцијата, Рама побара неговите изјави да не се толкуваат како напад врз косовскиот премиер Албин Курти, додавајќи дека не го смета за одговорен за активистите на движењето „Самоопределување“ кои, според него, учествувале на протестите.
„Оставете го Албин Курти надвор од оваа приказна“, порача Рама.
Албанија повеќе од 20 дена е зафатена од протести познати како „Револуција на фламингото“, поттикнати од контроверзниот проект за изградба на луксузен туристички комплекс што се поврзува со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Покрај во Албанија, демонстрации беа организирани и меѓу албанската дијаспора во САД, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Шведска и Австралија. Демонстрантите бараат стопирање на проектот, укинување на законот за стратешки инвестиции, измени на прописите за заштитените подрачја и оставка од премиерот Рама.
