Нова инвестиција на компанијата „Џаво отомотив“ во ТИРЗ Тетово, која се очекува да отвори речиси 500 работни места – објавија денеска премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Како што рекоа Мицкоски и Дурмиши на прес-конференцијата во Владата, инвестицијата вредна 20 до 21 милион евра е уште една потврда за атрактивноста на Македонија како дестинација за странските вложувачи, но и за довербата што тие ја имаат во нашата економија.
– Станува збор за браунфилд-инвестиција, која ќе почне со закуп на постоен објект од 8.000 квадратни метри, а капацитетите ќе се прошируваат до 21.000 квадратни метри до 2028 година. До 2030 година компанијата планира да инвeстира речиси 21 милион евра. Целокупното производство на контролни кабли од Турција и Словачка ќе се реализира во Тетово, што е потврда за довербата на инвеститорот во македонската економија, нашата работна сила и деловната клима – истакна Мицкоски.
Toj посочи дека „Џаво Отомотив“ е мултинационална компанија со повеќе од четири децении искуство во автомобилската индустрија, и присутна на меѓународните пазари како производител на безбедносни системи, контролни кабли и механизми за водечките светски производители во автомобилскиот сектор.
Потенцира дека компанијата своето производство денеска го реализира во Турција и Централна Европа, снабдувајќи бројни реномирани партнери од автомобилската индустрија.
– Оваа инвестиција ќе донесе и нови можности за вработување. Според бизнис-планот на компанијата, ќе бидат отворени помеѓу 400 и 500 нови работни места, во моментите кога компанијата ќе го добие својот полн сјај. Дополнително, проектот ќе има значително позитивно влијание врз извозот, бидејќи нивниот план е извозот да стигне до 45 милиони евра годишно. Ова не е само инвестиција во бројки. Ова е инвестиција во доверба. Доверба во институциите. Доверба во економските политики. Доверба во стабилноста на државата. Кога една странска компанија носи одлука дел од своето производство да го пресели токму тука кај нас, тоа значи дека препознала сигурност, предвидливост и јасна економска перспектива – рече Мицкоски.
Во изминатиот период, истакна премиерот, многумина зборуваа дека инвеститорите ќе си заминувале, дека индустриските зони ќе стагнираат и дека економијата нема капацитет за нов развој, но, имам лоша вест за нив, не само што многу добро одат работите, односно многу подобро од било кога, туку и фактите го покажуваат спротивното.
Тој рече дека нови компании доаѓаат, постојните инвеститори ги прошируваат своите капацитети, а земјата станува сѐ повидлива на мапата на европската индустрија.
– Токму затоа, секоја нова инвестиција ја гледаме како дел од една поширока стратегија. Ние не градиме економија заснована на задолжувања и статистички трикови. Градиме економија која се потпира на производство, инвестиции, извоз и реален економски раст. И затоа денешната инвестиција на „Џаво Отомотив“ е уште еден показател дека се движиме во вистинска насока. Ова е порака до секој млад човек кој размислува за својата иднина. Ова е порака до секој работник, инженер, техничар и претприемач. Ова е порака дека државата повторно станува место каде што вреди да се инвестира, да се работи и да се гради иднината, посочи Мицкоски.
Појасни дека продолжуваат со уште поголема енергија, уште повеќе инвестиции и уште повеќе можности за граѓаните, а целта е јасна – силна економија, повисок животен стандард и држава која забрзано се развива.
Одговарајќи на новинарско прашање премиерот рече дека државната помош е во рамки на вообичаеното за ваков тип инвестиција.
– Имавме прекрасни разговори со инвеститорот. На денешната билатерална средба разговаравме и за потенцијални нови инвестиции на инвеститорот и неговите партнери. Поддршката е во рамки на договорот, не е нешто што отстапува од какви било нормални граници, додаде Мицкоски.
Според министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, инвестицијата е потврда дека Македонија станува сè попривлечна за компании што носат современи технологии, нови производствени капацитети и квалитетни работни места. Одлуката на компанијата дел од производството да пренесе во нашата земја, напомена Дурмиши, е силен сигнал за довербата во македонската економија.
– Покрај отворањето нови работни места, овој инвестициски проект ќе значи зголемен извоз, трансфер на нови технологи и дополнителна додадена вредност на македонската економија. По иницијалните преговори, кои траеа повеќе од една година, денес се испраќа јасна порака – дека Македонија и натаму е атрактивна дестинација за странските инвеститори – истакна Дурмиши.
Тој посочи дека континуирано работат на подобрување на деловното опкружување, намалување на административните бариери и создавање стабилна и предвидлива инвестициска клима.
– Резултатите кои ТИРЗ Тетово веќе ги остварува се охрабрувачки. Во текот на 2025 година, компаниите во оваа зона реализираа производство во вредност од над 6,4 милијарди денари, извоз на производи и услуги од речиси девет милијарди денари и обезбедија работа за 1.845 лица. Овие бројки покажуваат дека зоната претставува важен двигател на економската активност во регионот и значаен придонесувач на извозот. Министерството за економија и труд останува посветено на привлекување нови инвестиции и создавање услови за развој на постојните инвеститори – Дурмиши.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски рече дека станува збор за внимателно планиран инвестициски проект со долгорочна перспектива, кој ќе создава сѐ поголеми економски ефекти во годините што следуваат.
– Овој инвестициски проект не е само бројка, ова е процес што се гради чекор по чекор, со јасна намера, долгорочна визија и стратегија. Токму затоа продолжуваме со активниот пристап кон привлекување нови инвестиции, но и кон поддршка на сите компании кои веќе инвестираат и создаваат нова вредност во македонската економија. Нашите приоритети и натаму остануваат непроменети да бидеме сигурен и ефикасен партнер за секој инвеститор кој ќе одлучи да ја избере Македонија како дестинација за инвестирање – истакна Димовски.
Посочи дека убеден е дека оваа инвестиција претставува само почеток на едно успешно и долгорочно партнерство.
– Партнерство кое ќе создава нови можности за нашите граѓани, нови перспективи за младите луѓе и нова вредност за македонската економија. Продолжуваме со активна работа, со континуирана посветеност и со јасна цел, а тоа е Македонија да ја позиционираме како препознатлива дестинација на мапата на странските директни инвестиции и како место каде што се создаваат нови можности за развој и раст – додаде Димовски.
Мултинационалната корпорација „Џаво отомотив“ работи во индустријата за автомобилска опрема, дизајнира и произведува безбедносни производи, како и разни механизми и оперативни кабли за многу водечки производители на автомобили. Освен во Турција, компанијата е присутна и во Канада, Германија и Словачка.
