Зголемениот број Руси со српско државјанство претставува безбедносен ризик за ЕУ, предупредува Европската комисија

Од:

Европската комисија оцени дека зголемениот број руски државјани кои стекнуваат српско државјанство и со тоа добиваат можност за безвизно патување во Европската Унија претставува потенцијален безбедносен предизвик за Унијата.

Во најновиот документ на Европската комисија за напредокот на Србија во поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото, се наведува дека во изминатиот период е забележан пораст на бројот на доделени државјанства на руски државјани.

„И покрај сувереното право на Србија самостојно да одлучува за својата политика за државјанство и натурализација, забрзаното стекнување право на безвизно патување во ЕУ за руските државјани преку добивање српско државјанство, чиј број е значително зголемен во споредба со претходните години, претставува потенцијален безбедносен ризик за Европската Унија“, се наведува во документот на Европската комисија, во кој увид имал Радио Слободна Европа.

Документот кон крајот на мај бил разгледуван на ниво на дипломати на земјите-членки на ЕУ.

Комисијата дополнително наведува дека Србија треба да ги заостри проверките на барањата за визи што ги поднесуваат државјани на земји кои се сметаат за ризични од аспект на безбедноста или нерегуларните миграции.

Во меѓувреме, неколку земји-членки на ЕУ вршат притисок врз Европската комисија да предложи построги правила за одбивање туристички визи за руски државјани поради руската инвазија врз Украина.

Според податоците на ЕУ, бројот на издадени шенген-визи за руски државјани во текот на 2025 година се искачил на речиси 480.000, што е највисоко ниво од почетокот на војната во Украина во 2022 година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ веќе најави дека Србија нема да воведе визи за руските државјани.

Сепак, според обврските преземени во рамки на Планот за раст на ЕУ, Србија до крајот на годината треба да воведе визен режим за најмалку три држави.

Во извештајот се оценува дека визна политика на Србија е „само делумно усогласена“ со политиката на Европската Унија. Во моментов, 12 земји имаат безвизен режим со Србија, но не и со ЕУ: Ерменија, Азербејџан, Бахреин, Белорусија, Кина, Индонезија, Јамајка, Киргистан, Казахстан, Русија, Суринам и Турција.

„Не е постигнат дополнителен напредок во усогласувањето со визна политика на ЕУ од декември 2024 година“, се наведува во документот.

Според Реформската агенда, Србија се обврзала да воведе визи за најмалку три од овие земји. Вредноста на оваа обврска во рамките на Планот за раст изнесува повеќе од 27 милиони евра. Доколку не биде исполнета до крајот на 2026 година, Србија ризикува да ги загуби овие средства.

Европската комисија, сепак, им одобри на земјите од регионот дополнителен грејс-период, па рокот за исполнување на обврските што требаше да бидат реализирани до крајот на 2024 година е продолжен до декември 2026 година.

До евентуалното воведување визи за најмалку три држави, Брисел бара Србија да ги заостри правилата за издавање визи за државјани на земјите кои и натаму имаат безвизен режим со Србија, но не и со Европската Унија.

Според Европската комисија, на тој начин би се обезбедила поголема контрола и усогласеност со европските стандарди, како и намалување на нерегуларната миграција кон ЕУ преку Србија.

Би можело да ве интересира

Захарова: Србија е вовлечена во конфронтација со Русија

Москва: НАТО сака да ја потчини Србија и ги засилува напорите да ја привлече во својата орбита

Кошта: ЕУ е најважниот партнер на Србија, вратите на Унијата се отворени

Српски војник загина во Либан

Вучиќ се одмаздува за враќањето на неговата „гарда“, од вчера ниту еден Црногорец не е пуштен во Србија, пишуваат црногорските медиуми

Вучиќ: Не можеме вечно да чекаме за членство во ЕУ