Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес напиша на социјалните мрежи дека Иран никогаш нема да поседува нуклеарно оружје по разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп.
Нетанјаху објави слика генерирана од вештачка интелигенција на социјалната мрежа X во која ја постави пораката до американскиот претседател дека „Иран никогаш нема да поседува нуклеарно оружје“.
Двајцата разговараа во саботата навечер, додека САД и Иран се стремат да финализираат договор за трајно завршување на војната.
За време на телефонскиот разговор, американскиот претседател „јасно стави до знаење дека ќе остане цврст во преговорите за неговото долгогодишно барање за отстранување на нуклеарната програма на Иран и збогатениот ураниум од иранска територија и дека нема да потпише никаков конечен договор без овие услови“, изјави неименуван израелски функционер, објавија француските медиуми.
„За време на разговорот со Трамп, Нетанјаху потврди дека неговата земја ќе ја задржи својата слобода на дејствување во услови на закани на сите фронтови, вклучително и во Либан, а претседателот Трамп ја потврди својата поддршка за тој принцип“, додаде функционерот.
Израелскиот премиер „ја повтори својата благодарност до претседателот Трамп за неговата долгогодишна и извонредна посветеност на безбедноста на Израел“, изјави израелски функционер.
Во последните денови, американските медиуми известуваа за различни стратегии меѓу Трамп и Нетанјаху во врска со решавањето на конфликтот на Блискиот Исток, при што првиот се залага за дипломатско решение, додека израелскиот премиер е за обновување на непријателствата.
