Селекторот на македонската фудбалска репрезентација и тренер на Вардар, Гоце Седлоски, денеска јавно се извини за контроверзната прослава на „црвено-црните“ по освоената титула, која предизвика бурни реакции во јавноста.
На денешната прес-конференција, на која беше објавен списокот на фудбалери за претстојните дуели против Босна и Турција, Седлоски упати извинување во свое име и во име на целиот тим на Вардар.
„Во мое лично име и во име на сите играчи на Вардар сакам да се извинам за потегот кој се направи на прославата со екипата во Струга“, изјави Седлоски на почетокот од прес-конференцијата.
Реакциите во јавноста следуваа откако на социјалните мрежи се појави видео од прославата, на кое фудбалерите на Вардар пеат вулгарна песна навредлива за Битола и пејачката Каролина Гочева.
Во меѓувреме, Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија отвори постапка против Вардар, а во наредниот период се очекува да биде соопштена и евентуалната санкција.
