Стојаноски: СДСМ избега од дебата затоа што нема аргументи против финансискиот пакет

Од:

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, обвини дека СДСМ избегала од собраниската дебата за новото задолжување, бидејќи, како што рече, нема аргументи со кои би ги поткрепила своите тврдења.

„Кога станува збор за лаги и инсинуации, во моментот кога аргументите треба да се соочат таму каде што им е местото – на собраниската Комисија – нив едноставно ги нема“, изјави Стојаноски.

Тој рече дека аргументите на СДСМ „паѓале еден по еден“.

„Прво се тврдеше дека во салата 4 нема просторни услови, односно нема каде да се седи – обезбедивме место. Потоа се тврдеше дека заемот е ставен како втора точка на дневниот ред – ја ставивме како прва точка. И кога дојде моментот тие аргументи да се соочат во Собранието, СДСМ одлучи да го направи она што го прави со месеци и години наназад: да избега од дебата“, рече Стојаноски.

Според него, биле „целосно демонтирани“ и тврдењата на опозицијата дека ќе дојде до крах на пензискиот систем, дека Буџетот нема да може да ги издржи покачувањата на платите, дека ќе има прилив на мигранти и дека државата нема да може да повлече средства од Европската Унија преку Планот за раст.

„Како што вчера изјавија дека нема да дозволат ваков заем да помине, така денес, на една бенигна прес-конференција, можевме да видиме дека нема да учествуваат ниту во дебатата. Причината е едноставна – свесни се дека немаат аргументи“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Стојаноски рече дека станува збор за „најповолни можни услови“ што моментално се достапни на пазарот и, како што кажа, „убедливо најповолни услови што некоја земја од регионот ги има обезбедено“.

Тој посочи дека со овие средства ќе продолжи реализацијата на капиталните инвестиции, наведувајќи дека градежниот сектор бележи двоцифрен раст во повеќе квартали, а економијата раст од околу 3,5 проценти шест квартали по ред.

„Со овие средства ќе се финансираат повисоки плати, повисоки пензии, изградба на три автопати, брза железница и реконструкција на постојните пруги, нови болници и училишта, како и продолжување на реализацијата на над 1.200 капитални проекти низ државата“, рече Стојаноски.

Тој додаде дека дел од средствата ќе бидат искористени и за отплата на еврообврзница земена во 2020 година, која доспева во јуни.

„Однесувањето кое го гледавме изминатите денови, а особено денес – бегањето од дебата – е јасен показател дека на СДСМ не може да им се верува. СДСМ е партија која наутро ќе соопшти дека ќе се бори и ќе блокира, а кога ќе дојде моментот тие тврдења да ги поткрепи со аргументи во Собранието, едноставно исчезнува од дебатата“, изјави Стојаноски.

Би можело да ве интересира

Кузеска: Во ист ден имаме две признанија пред јавноста кој ја донесе Алта банка, обвинителот Савески има обврска да реагира

Предраг Петровиќ

Петрушевски: Филипче и партнерите од СДС треба да одговараат кривично за саботажа на банкарскиот систем во државата

СДСМ: Каков мандат, таков извештај – катастрофата на Мицкоски потврдена од Брисел

(ВИДЕО) Трајчулески: СДСМ поднесе интерпелација за Стоилковиќ, одговорност на извршителот на Вучиќ и неговите агенди во Владата на Мицкоски

Горан Наумовски

Коалициските партнери од Владата многу различно гледаат на изборниот исход во Брвеница

(ВИДЕО) Тренчевска: Вториот ребаланс е комплетен фискален пораз на неодговорната политика на власта – последиците ги трпат граѓаните