Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека Владата на Христијан Мицкоски ја турка државата во „должничко ропство“ и најави дека пратеничката група на СДСМ се повлекува од комисиската расправа за новото задолжување.
„Секојдневно гледаме како Владата на Христијан Мицкоски ја турка земјата во должничко ропство. Последниот предлог е да се земат 300 милиони евра од банки, но банките на Владата не ѝ ги дозволија, што укажува на веќе постоечки сомнежи во нашиот кредитен рејтинг. Имено, конзорциум на банки одобри кредит од само 260 милиони евра, со ужасно висока каматна стапка од близу 4,5 проценти“, рече Филипче.
Тој праша каде завршуваат овие пари, посочувајќи дека има доцнења во исплатата на плати во јавните институции, социјалните трансфери и повратот на ДДВ кон компаниите.
„Вкупната сума што оваа Влада им ја должи на компаниите за поврат на ДДВ изнесува близу 200 милиони евра. Овие пари одат само за партиски тендери. И тоа е единственото нешто што добро функционира кај оваа власт“, изјави лидерот на СДСМ.
Според него, за само две години државниот долг е зголемен за две милијарди евра.
„Вкупниот долг, кој во 2024 година беше 8,5 милијарди евра, сега е близу 11 милијарди евра. Пари што ќе ги враќаат следните генерации“, рече Филипче.
Тој додаде дека СДСМ нема да учествува во, како што кажа, „бруталното секојдневно задолжување на земјата“.
„Нашата пратеничка група нема да учествува во ова брутално, секојдневно задолжување на земјата за огромни суми – стотици милиони и милијарди евра – кои не одат никаде освен строго контролирано во партиските фирми преку тендерски постапки. Ние нема да учествуваме во комисиската расправа на оваа тема и целосно се повлекуваме од неа“, изјави Филипче.
Тој го обвини и претседателот на Собранието, Африм Гаши, за кршење на Деловникот.
„Претседателот на Собранието, кршејќи го Деловникот, закажува состанок на Комисијата за финансирање и буџет, која ја води нашата пратеничка Сања Лукаревска, и покрај тоа што таа е присутна и не е отсутна. Наместо неа, задолжува друг пратеник да ја води комисијата“, рече Филипче.
СДСМ најави дека ќе поднесе кривична пријава и интерпелација против претседателот на Собранието.
