Пакистан им испрати на Соединетите Американски Држави ревидиран предлог од Иран за прекин на конфликтот на Блискиот Исток, потврди вчера неименуван пакистански функционер. „Немаме многу време“, рече изворот кога беше прашан дали ќе биде потребно време за да се прекине ќорсокакот, објави Ројтерс.
Неименуваниот извор додаде дека двете земји „постојано ги менуваат своите цели и услови“.
Американскиот претседател Доналд Трамп ќе се сретне со своите најблиски советници за национална безбедност за да разговараат за можноста за воена акција, објави новинската веб-страница „Аксиос“. Неименуваните американски функционери рекоа дека Трамп се обидува да преговара за прекин на војната во Иран, но дека одбивањата на Техеран го навеле да ја преиспита можноста за воена акција.
Командантот на иранската Револуционерна гарда, генерал-мајор Мохсен Резаи, во интервју за иранската државна новинска агенција „Тасним“ изјави дека Американците мора да преземат конкретни акции во преговорите, додавајќи дека Иран е „сериозен во преговорите, а уште посериозен во војната и одбраната на земјата“.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багeи, вчера изјави дека разговорите со Соединетите Американски Држави продолжуваат со посредство на Пакистан.
Во интервју за Тасним, Багeи рече дека Ормуtскиот теснец е многу важен воден пат за целиот свет, додавајќи дека Иран отсекогаш вложувал големи напори за заштита на безбедниот сообраќај на овој воден пат.
„Продолжуваме да се стремиме да обезбедиме сообраќајот низ Ормуtскиот теснец да се одвива во целосна безбедност. Нападот од страна на САД и ционистичкиот режим што се случи на 28 март нè поттикна да преземеме мерки за заштита на нашата национална безбедност, а тоа е дозволено“, рече Багeи, додавајќи дека Ормуtскиот теснец се наоѓа во територијалните води на Иран и Оман, и двете земји сметаат дека е нивна должност да обезбедат безбеден поморски сообраќај на таа рута.
Како одговор на објавувањето на извештаите за намерата на ОАЕ да го нападнат Иран и посетата на израелски претставници на ОАЕ, Багeи рече дека Иран нема да дозволи разни извештаи да го натераат да заборави на фактот кој е главната закана.
„Ние не сме непријател на ниту една земја во регионот и сме соседи на сите. Ги повикуваме сите да бидат внимателни против заговори однадвор за создавање поделба“, рече Багeи.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ги предупреди иранските претставници да не создаваат „лажна слика“ за ситуацијата во Иран во услови на застој со САД и Израел.
„Ако сме во воена состојба, мора да заземеме воен став“, рече Пезешкијан, според иранската државна новинска агенција Мехр.
Пезешкијан рече дека целите на нападите биле електрани, петрохемиски фабрики и челичарници, и дека Иран „не треба лажно да тврди дека нема проблеми и дека непријателот е уништен“. Врховниот совет за национална безбедност на Иран во вторникот формираше нова државна агенција за управување со Ормутскиот теснец.
Новоформираната Управа за Персискиот Залив ќе обезбедува „информации во реално време за операциите во Ормутскиот теснец и најновите случувања“, се вели во соопштението на Врховниот совет, објави Ал Џезира.
