Тошковски: Загрижува растот на семејното насилство

Од:

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека МВР и Министерството за образование и наука координираат активности за справување со безбедносните предизвици во училиштата, при што полициски службеници и стручни лица од средните училишта веќе подолг период спроведуваат превентивни контроли и надзор на терен.

На заедничката прес-конференција со главниот извршен директор на А1 Македонија, Методија Мирчев, Тошковски во одговор на новинарско прашање посочи дека овие активности се спроведуваат и пред неодамнешните инциденти во училиштата.

– Она кое што МВР го презема од аспект на превенција, многу добро знаат родителите дека полициски службеници заедно со стручни лица од средните училишта подолг временски период и пред настанување на овој инцидент којшто го имавме, се на терен, проверуваат, вршат прегледи согласно законските надлежности, го вршат оној превентивен надзор којшто треба да го посветиме од страна на полициските службеници на нашите најмили, дечињата – рече Тошковски.

Во однос на најавите за вклучување на наставниците во делот на безбедноста во училиштата, министерот рече дека со министерката за образование Весна Јаневска разговарале повеќепати за можните решенија, но посочи дека тој дел е во надлежност на МОН.

Тошковски нагласи дека МВР е посветено на модернизација и професионализација на полицијата, со употреба на современа технологија, „боди-камери“, аналитичка поддршка и мобилни полициски единици.

– Кога говорам за ова, говорам од аспект на максимално професионализирана полиција со максимално добро опремени возила кои што практично би биле полициски станици во движење, со употреба на „боди-камери“, со двонасочна комуникација на таквите „боди-камери“ со команден центар, со аналитичка поддршка во живо од страна на команден центар којшто ќе ги насочува, упатува и дава соодветни влезни податоци за постапување на полициските службеници – рече Тошковски.

Осврнувајќи се на семејното насилство, министерот оцени дека е охрабрувачки што жртвите се охрабруваат да пријавуваат, но истовремено изрази загриженост поради зголемувањето на бројот на случаи.

– Од една страна охрабрува тоа што жртвите се охрабрени да пријават, но од друга страна разочарува зголемувањето на бројката на семејно насилство. Сепак, повторувам, ние мора да сме посветени за најдобар одговор којшто може да го даде МВР – рече Тошковски.

Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со контролата на приватните агенции за обезбедување кои се ангажирани во образовните институции, министерот потенцираше дека МВР врши редовни проверки при нивната регистрација, издавањето и одземањето на лиценците, како и по добиени претставки за нивното работење.

– Една од работите на МВР е да врши контрола при регистрација на агенции дали ги исполнуваат условите, сигурен сум дека она кое што требало да се преземе е преземено од страна на МВР во делот на проверка на одредени компании дали исполнувале или не исполнувале услови за да се стекнат со лиценца, е сега дали тие постапувале секогаш согласно оние права и должности кои што ги имаат, дали не прекршиле, дали исполниле услови за одземање, тоа е друго прашање. Има такви ситуации, но секако дека МВР по добиени информации дали по претставка или допрен глас ќе си го преземе она што е наша надлежност – рече Тошковски.

Би можело да ве интересира

Три лица се уапсени за семејно насилство, вкупно пет пријави во последното деноноќие

Горан Наумовски

Седуммина приведени, девет пријави за семејно насилство во последното деноноќие

Четири лица се уапсени, седум случаи на семејно насилство за 24 часа

Поднесена кривична пријава против припадникот на обезбедувањето на Мицкоски кој ја истепа сопругата

Катерина Ѓуровски

Во овој случај гледате мал престап и веднаш системот функционира, Мицкоски за членот на обезбедувањето кој ја истепа сопругата

Алиу најави можност лекар да може да евидентира во систем доколку забележи пациент што претрпел насилство, а не го пријавил