Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица, и тоа за две лица за кривични дела Криумчарење и Вршење на јавен превоз без поседување лиценца, како и за една осомничена за кривични дела – Прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама и Производство и пуштање во промет штетни средства за лекување, извести ОЈО.
– Со цел обезбедување на осомничената и непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд достави предлог да се определат мерки на претпазливост спрема неа: обврска осомничената да се јавува кај определено службено лице, привремено одземање на патна исправа и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти со другите двајца осомничени, извести Обвинителството.
Од Царината велат дека случајот е откриен на граничниот премин Табановце, каде при детална контрола на комбе биле пронајдени 535 вијали со средство за слабеење и 7.400 етикети со ознаки „TIRZ 2.5 мг“ и „TIRZ 5 мг“, сокриени во постелнина.
По откривањето, возилото било ставено под контролиран надзор од мобилен царински тим и го продолжило движењето до договорената локација за преземање на пратката. Во моментот на исплата, инспекторите ја лишиле од слобода сопственичката на салонот.
По наредба на јавен обвинител бил извршен претрес во салонот за убавина, при што биле пронајдени дополнителни криумчарени медицински препарати, меѓу кои дермални филери, средства за нивно разградување, препарати за редуцирање маснотии, контурирање на лице, отстранување брчки и подмладување.
За сите пронајдени производи не постоела документација за нивната безбедност, исправност и законит увоз. Според истрагата, дел од препаратите биле рекламирани и користени врз клиенти.
