ВИДЕО: Како беше убиен и кој беше ајатолахот Али Хамнеи

Од:

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е убиен во координиран напад на САД и Израел, потврдија државните медиуми во Техеран.

Нападот беше извршен во саботата, за време на состанок на највисокото иранско раководство, откако разузнавачките служби ги откриле движењата на Хамнеи, јавуваат американски извори запознаени со операцијата.

Покрај Хамнеи, во нападот се убиени и поранешниот секретар на Советот за национална безбедност Али Шамкани и командантот на Револуционерната гарда Мохамед Пакпур.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека операцијата била резултат на блиска координација меѓу САД и Израел.

„Тесно соработувавме со Израел. Нашите разузнавачки служби и напредни системи за надзор овозможија оваа операција да биде успешна“, напиша Трамп.

Според извори, нападот првично бил насочен директно кон Хамнеи, со цел да се избегне можноста за негово бегство.

Смртта на Хамнеи претставува историски пресврт за Исламската Република. Тој беше на власт од 1989 година и имаше клучна улога во сите стратешки одлуки на Иран, вклучително и односите со САД и нуклеарната програма.

Во меѓувреме, тензиите во регионот драматично се зголемија. Иран возврати со ракетни напади кон Израел, а според извештаи, цел на нападите биле и дел од земјите од Персискиот Залив.

Аналитичарите предупредуваат дека Блискиот Исток влегува во нова, исклучително нестабилна фаза, со ризик од поширок регионален конфликт.

Кој беше Али Хамнеи

Ајатолахот Али Хамнеи (86) беше врховен лидер на Иран од 1989 година, кога го наследи основачот на Исламската Република, Рухолах Хомеини.

Иако на почетокот важеше за слаб и компромисен избор, со текот на времето изгради силен систем на контрола, потпирајќи се на Револуционерната гарда и безбедносниот апарат, со што се наметна како една од најмоќните фигури во модерната историја на Иран.

Пред да стане врховен лидер, Хамнеи беше претседател на Иран и учесник во Исламската револуција во 1979 година. За време на својата политичка кариера преживеа и обид за атентат во 1981 година, во кој беше тешко ранет и остана со парализирана десна рака.

Неговото владеење беше обележано со силна антизападна реторика, особено кон САД, како и со репресија врз внатрешната опозиција. Во повеќе наврати, безбедносните сили под негова контрола брутално ги задушуваа протестите во земјата, вклучително и оние во 2009 и 2022 година.

И покрај тврдата линија, Хамнеи понекогаш покажуваше прагматичност, особено кога стануваше збор за опстанокот на режимот. Така, во 2015 година даде поддршка за нуклеарниот договор со светските сили, кој подоцна беше напуштен од САД.

Во последните години, тој се соочуваше со зголемен меѓународен притисок, економски санкции и внатрешни немири, додека влијанието на Иран во регионот слабеше.

Неговата смрт отвора неизвесност околу идното раководство на земјата и можната борба за власт во рамките на иранскиот политички и безбедносен естаблишмент.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Иран го нападна и Оман, осма муслиманска земја која е бомбардирана

Иран се заканува дека ќе се повлече од Светското првенство

ВИДЕО: Нереди во Ирак и во Пакистан, обдиди за упад во американските амбасади

(ВИДЕО) Поделен Иран: Прослави и солзи за убиството на ајатолахот

Катерина Ѓуровски

Убиен е шефот на иранската војска

ВИДЕО: Бројот на жртви во нападот врз училиштето во Иран се искачи на 118