Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и началникот на Генералштабот на Израелските одбранбени сили (ИОС), Ејал Замир, се наоѓаат во остар спор околу обидот на израелското политичко раководство да нареди конкретна воена акција поврзана со Иран, непосредно пред парламентарните избори во вторник, пренесува израелскиот „Канал 12“.
Според извештаите, Замир се спротивставува на спроведувањето на оваа неодредена воена акција и побарал од Нетанјаху писмен документ со потпис, кој би послужил како правна основа за таква операција.
Ситуацијата кулминираше во текот на последните 24 часа, наведува телевизијата, додавајќи дека неименувани политички извори ги демантирале овие тврдења.
Во сржта на проблемот е „иранското прашање“, како и загриженоста на Замир и воениот врв дека политичкото раководство би можело да го вовлече Израел во сценарио на погрешна проценка во однос на Иран – токму во пресрет на изборите – пренесува „Канал 12“.
Телевизијата цитира воен претставник кој вели дека предложената акција би можела да предизвика брз конфликт со Иран во исклучително чувствителен и драматичен момент, создавајќи услови за можна погрешна проценка. Во извештајот се наведуваат и неименувани извори запознаени со ситуацијата, кои укажуваат на загриженост меѓу воените лидери дека политичкото раководство се обидува „да го искористи иранското прашање за политичка добивка“.
Од друга страна, неименувани политички извори ги отфрлаат овие тврдења, нарекувајќи ги „целосна лага“.
Се додава дека непријателството и лошите односи меѓу Нетанјаху и Замир биле очигледни за време на денешната средба во воздухопловната база „Палмахим“, каде што атмосферата била „исклучително напната и непријатна“.
Наводно, Замир во последните денови добил одредени „инструкции“ од политичкото раководство, што го навело да побара сериозен разговор пред преземањето на наложената акција.
Тој исто така побарал од Нетанјаху да обезбеди „правно заснована документација со потпис“ во врска со тој потег.
Како што објави израелскиот „Канал 13“ во четвртокот, Замир за време на неодамнешна приватна средба изјавил дека во моментов не гледа оперативна потреба за напад врз Иран пред изборите. Критичарите го обвинуваат Нетанјаху дека се залага за започнување војна против Иран со цел да влијае врз гласањето закажано за 27 октомври – или пак да предизвика негово одложување – тврдење што тој го негира. Во меѓувреме, Нетанјаху го демантираше извештајот на „Канал 12“ за наводен конфликт меѓу него и Замир, пренесува Танјуг.
Кога беше прашан за овој извештај за време на интервју за провладиниот „Канал 14“, Нетанјаху изјави дека „некој овде се обидува да предизвика конфликт, за да го прикрие фактот дека началникот на Генералштабот, шефот на военото разузнавање на ИДФ и шефот на Мосад – сите тие изјавија дека Иран се обидува да се вмеша во изборите“, пренесе „Тајмс оф Израел“. „Ние се подготвуваме за ова. Им дадов наредба на ИДФ и на Мосад да го урнат иранскиот режим“, изјави Нетанјаху за „Канал 14“ во текот на интервјуто.
