Службеник од поморската мисија на Европската Унија „Аспидес“ изјави дека бродовите добиле пораки преку VHF радио сигнали од Иранската револуционерна гарда во кои се наведува дека „ниту еден брод нема дозвола да помине низ Ормутскиот теснец“.
Службеникот, кој разговараше со Ројтерс под услов да остане анонимен, рече дека Иран формално не ја потврдил таквата наредба.
Агенцијата за поморски трговски операции на Велика Британија потврди дека и тие добиле повеќекратни извештаи од бродови што работат во Заливот, во кои се наведува дека добиле пораки за затворањето на Ормутскиот теснец. Сепак, британската агенција наведува дека не може независно да ги потврди информациите.
Овој теснец е најважната светска рута за извоз на нафта, која ги поврзува најголемите производители на нафта во Заливот, како што се Саудиска Арабија, Иран, Ирак и Обединетите Арапски Емирати, со Оманскиот Залив и Арапското Море.
Со години, Техеран се закануваше дека ќе го блокира овој тесен воден пат како одмазда во случај на напад врз Исламската Република.
Протокот, широк 33 километри, е единствениот пат кон отворениот океан за над една шестина од глобалното производство на нафта и една третина од светскиот течен природен гас.
Неговата важност може да се опише со фактот дека овој теснец овозможува премин на околу 20 милиони барели или, со други зборови, 20 проценти од дневната потрошувачка на нафта во светот.
Доколку теснецот се затвори, поради прекин на извозот, неизбежно би дошло до зголемување на цените на нафтата во светот.
