Иранските власти објавија дека 3.117 лица се убиени во неодамнешните протести и немири во земјата, објави порталот „Ал-Алам“.
Во официјалниот извештај се вели дека меѓу загинатите има „2.427 невини лица и членови на безбедносните сили“. Во него се нагласува дека значителен број од жртвите биле минувачи кои биле убиени „како резултат на огнено оружје и невидена терористичка бруталност“, додека некои од загинатите демонстранти, според властите, биле „цел на организирани терористички елементи во толпата“.
„Убијците на децата од оваа земја и нивните поддржувачи ќе бидат одговорни за своите злосторства“, изјави официјален претставник од Техеран во соопштението.
Иранските власти додадоа дека криминалните групи вклучени во насилството биле „снабдени и вооружени од криминални лидери во Соединетите Американски Држави“.
Од друга страна, американските организации за човекови права претходно проценија дека најмалку 4.902 лица загинале во протестите во Иран, предупредувајќи дека вистинскиот број на жртви може да биде поголем.
Протестите ја зафатија земјата кон крајот на декември 2025 година, во средината на длабока економска криза, и брзо добија изразен антивладин карактер и ескалираа во отворени судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили.
Како што ескалираа немирите, американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на Иран со воена интервенција доколку демонстрантите бидат погубени. На 14 јануари, тој објави дека, повикувајќи се на „доверливи извори“, иранските власти нема да ја извршат смртната казна против демонстрантите.