Сите државни патишта во земјата се проодни и безбедни за сообраќај. Поради врнежите од снег, Автомото-сојузот на Македонија апелира на зголемена внимателност при управување со возилата.
Екипите на ЈП „Македонијапат“ се целосно ангажирани на терен, со потребната механизација и работна сила, и континуирано вршат расчистување на снегот. Во координација со ЈП за државни патишта и Министерството за транспорт се преземаат активности за обезбедување безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателното и совесно возење, АМСМ препорачува задолжителна употреба на зимска опрема, почитување на сообраќајната сигнализација и приспособување на брзината според условите на патиштата. Возачите се советуваат навремено да се информираат за состојбата на патните правци преку информативните центри.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата. АМСМ особено апелира на внимателно возење на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде што постои можност од одрони.