Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ги додели признанијата за најдобар пожарникар, полицаец и крводарител на градот за 2025 година. Со оваа свеченост се оддаде признание на исклучителните луѓе чија посветеност, храброст и човечност го прават Скопје поубаво и посигурно место за живеење. Признанијата ја истакнуваат нивната пожртвуваност и придонес кон граѓаните и заедницата, а нивниот пример служи како инспирација за сите нас, велат од Град Скопје.
Според Ѓорѓиевски, овие признанија им припаѓаат на исклучителни и докажани луѓе во своите професии, посветени, одговорни и хумани личности, избрани од своите колеги.
-Нивната работа и пожртвуваност се вистинска мисија во служба на граѓаните и градот. Тие се пример дека храброста, чесноста и човечноста секогаш го наоѓаат својот пат, напиша тој на својот ФБ профил.
За најдобар пожарникар за 2025 година е прогласен Игор Станишев, командир на одделение во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Човек кој учествувал во гаснење на бројни пожари и интервенции за заштита и намалување на материјалните штети, а пред сè човек чија храброст и пожртвуваност резултирале со спасување на голем број човечки животи.
Признанието за најдобар полицаец за 2025 година му припадна на Кристијан Стефановски од ПС Карпош.
Предложен од СВР Скопје – ЕПСОНРС, Кристијан е препознаен поради својата исклучителна посветеност, професионализам и значаен придонес во остварувањето на бројни работни активности и постигнувањето конкретни резултати во полициската работа.
За најдобар крводарител е прогласена Виолета Гиноска, предложена од Црвениот крст.
Таа е симбол на тивка, но моќна хуманост, жена чија безрезервна желба да помогне и да спаси нечии животи претставува вистински пример за алтруизам и човекољубие. Со повеќе од 45 дарувања на крв, на свои 54 години, таа заслужено се вбројува меѓу најпосветените и најистакнати крводарители.
-Од срце им благодарам на овие херои. Тие се доказ дека вистинските вредности живеат меѓу нас и дека секој чин на храброст, пожртвуваност и хуманост го прави Скопје посилно и похумано место за живеење, вели градоначалникот на Град Скопје апелирајќи нивниот пример да биде поттик и инспирација за сите нас, да бидеме подобри луѓе и да градиме град заснован на солидарност, одговорност и меѓусебна почит.
