ДУИ обвинува: Политички притисок преку отпуштања во Министерството за односи меѓу заедниците

Од:

Демократската унија за интеграција изразува длабока огорченост и сериозна загриженост поради скандалозниот и политички неприфатлив потег на министерот Иван Стоилковиќ, кој отпушти седум вработени Албанци од Министерството за односи меѓу заедниците – институција од клучно значење за спроведување на Охридскиот договор и за гарантирање на меѓуетничката еднаквост во државата, стои во соопштението на ДУИ.

„Оваа одлука претставува директен удар врз принципите на еднаквост, соживот и правична застапеност и не може да се оправда со невистинити и навредливи изговори за јавноста, како што е тврдењето за таканаречена „дисциплинска мерка“. Во услови кога на вработените им се ускратени најосновните услови за работа – функционални канцеларии, столчиња, техничка опрема и конкретни работни задачи – секоја ваква мерка претставува административна фарса и доказ за однапред умислена дискриминаторска намера.

Од првиот ден на формирањето на оваа Влада и преземањето на овој ресор од страна на министерот Стоилковиќ, албанските вработени зборуваат за веќе добро позната реалност: намерна изолација на еден кат од Министерството, целосен недостиг на основни услови за работа, постојан психолошки притисок и траен страв од селективни отпуштања. Денешната одлука само ја потврдува оваа континуирана и добро организирана намера.

Иронијата е вознемирувачка и политички опасна: Министерството, кое треба да ја штити меѓуетничката еднаквост, свесно се претвора во флагрантен пример за нејзино кршење. Овој потег не е ниту случаен ниту индивидуален, туку одразува пристап кој директно го нарушува духот и начелата на Охридскиот рамковен договор.

ДУИ ја оценува оваа состојба не како обичен административен проблем, туку како сериозен политички и општествен аларм кој ги загрозува меѓуетничките односи. Одговорноста не паѓа само врз министерот Стоилковиќ, туку и врз неговите владини партнери, особено ВМРО-ВЛЕН, чие молчење пред овој скандал е исто толку загрижувачко како и самите постапки на министерот и претставува политичка соодговорност.

Демократската унија за интеграција бара итен прекин на дискриминаторските практики во ова Министерство, безусловно враќање на неправедно отпуштените вработени, како и целосна институционална истрага и јасна политичка одговорност за овој флагрантен акт на дискриминација.

ДУИ ќе продолжи решително да ги брани достоинството, правата и меѓуетничката еднаквост и нема да молчи пред ниту еден обид за враќање на етноцентрични политики кои оваа држава еднаш засекогаш ги остави зад себе, нагласуваат од партијата.

Би можело да ве интересира

„Вреди“: Автопатот Скопје-Блаце требаше да биде изграден во времето кога семејството Ахмети ја купи „Соравија“

A1on

ДУИ: Милиони евра за компанија поврзана со најблискиот круг на Изет Меџити – граѓаните заслужуваат одговори

ДУИ: Компанија основана во јули 2024 добила над 3,4 милиони евра од Општина Чаир

Горан Наумовски

ДУИ: Законот за употреба на јазиците не се применува доследно

ДУИ: Катастарот ја открива имотно-правната врска меѓу Висар Ганиу и Недим Рама, седум викенд-објекти на иста парцела

Кој го одолговлекува случајот со Артан Груби, прашува ВРЕДИ