Грчките земјоделци најавија привремен прекин на блокадите на граничните премини со Македонија за време на божиќните и новогодишните празници, со што ќе се овозможи непречено патување за граѓаните.
Блокадите изминативе недели претставуваа сериозен проблем за многу македонски државјани, кои се соочуваа со отежнато патување кон и од Грција.
Според грчките медиуми, за време на празничната сезона нема да има блокади, со цел граѓаните да можат непречено да се движат.
Земјоделците одлучија граничните премини и патиштата да бидат отворени во два временски периоди: од вторник, 23 декември до недела, 28 декември 2025 година, како и од вторник, 30 декември до недела, 4 јануари 2026 година.
Во меѓувреме, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека значаен дел од барањата на земјоделците веќе се исполнети.
„Од вкупно 27 барања на земјоделците, 16 се веќе задоволени или се третираат позитивно. Четири се во фаза на разгледување и дискусија со цел да се пронајде решение, додека само седум не можат да бидат исполнети. Причините за тоа се спротивност со основните европски правила и функционирањето на заедничката земјоделска политика или финансиска неизводливост“, напиша Мицотакис на Фејсбук.
Инаку, земјоделците ги започнаа протестите на 30 ноември, со околу 60 блокади низ цела Грција, и покрај привремениот прекин за празниците, најавуваат дека не се откажуваат од своите барања.
