На седницата за пратенички прашања, пратеникот од Левица, Борислав Крмов, го упати своето прашање до министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, барајќи одговор зошто Владата одбила бескаматен кредит понуден од Народна Република Кина и на брза лента се одлучила за заемот на Обединетото Кралство.
Крмов потсети дека договорот со Обединетото Кралство, преку кој треба да се земе заем од околу 3,5 милијарди евра, сè уште не е објавен и дека според најавите кредитот е со камата меѓу 3 и 4,5%.
„Со таков непромислен потег, државата ќе ја оштети сопствената економија за најмалку 850 милиони евра, а штетата може да достигне и милијарда евра“, рече Крмов.
Дополнително, Крмов нагласи дека најголемите светски економии, меѓу кои САД, Европската Унија и Обединетото Кралство, се меѓу најголемите корисници на кинески кредити: САД со над 200 милијарди долари, ЕУ со над 160 милијарди, а Обединетото Кралство со 60 милијарди евра.
„Дали мислиме дека тие земаат поскапи кредити од Кина одошто кредитот што тие ни го нудат нам?“ праша Крмов, посочувајќи дека Македонија изгледа како единствена земја без осет за национален интерес, која доброволно се откажува од најевтиниот капитал на светот.
Крмов истакна дека никаков економски аргумент не ја оправдува одлуката да се одбие бескаматниот кредит.
Тој укажа и на серијата чекори со кои Владата непотребно ја турка Македонија во конфронтација со Кина – од средби со претставници на Тајван, до приклучување кон критични изјави.
На крајот, пратеникот постави директни прашања до министерот Николовски: Дали Владата била присилена да прифати Македонија да биде пионче во геополитичките игри? Дали до толку немаме сенс? Или пак станува збор за страв од неуспех на зацртаните коруптивните зделки? Доколку не биле присилени, која е економската и политичката логика што стои зад одлуката да се прифати кредит кој ќе го чини македонскиот народ од 850 милиони до една милијарда евра повеќе?
