Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против пет лица поради основано сомневање дека како соизвршители сториле кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување.
„Осомничените ја злоупотребиле својата службена должност со неизвршување на својата службена положба и иако биле должни да ја известат Владата на РСМ за фактичката состојба во Јавно претпријатие за берзанско работење „Агро берза“ Скопје, односно дека е настанат неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен (период од 2019-2021 година), истите доставиле неточни податоци и информации. Со ова дејствие лицата постапиле спротивно на Законот за стоковните резерви. Еден од осомничените, надворешен соработник, вешто лице ангажирано преку Бирото за процена постапил спротивно на одредбите од Законот за процена и спротивно на договорот за услуга склучен помеѓу пријавениот и Бирото за судски вештачења, при што изготвил вешт наод во кој внел невистинити податоци, не земајќи ги предвид сите податоци и целокупната документација од Агенција за стоковни резерви Скопје и ЈП „Агро берза“. Вештиот наод бил приложен кон информацијата до Влада и истата била прифатена од страна на Владата, при што Агенцијата за стоковни резерви Скопје била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна, во вкупна вредност од 29.112.000 денари или 473.365 евра (во моментот на отписот по цените кои се набавувала пченицата и јачменот во 2022 година, вредноста на истата изнесувала 48.000.000 денари или 780.487 евра), која вредност преставува штета на Буџетот на РСМ“, извести ОЈО.
Имајќи предвид дека станува збор за дело кое се гони во скратена постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и јавување во суд за сите осомничени.
