(ВИДЕО) Детали за „снајпер туристите“ во Сараево: Носеле пушки како да одат на лов

Од:

Обвинителството во Милано, како дел од истрагата за „викенд снајперисти“ за време на опсадата на Сараево, побара и увид во сведочењето на американскиот пожарникар Џон Џордан, кое го даде во 2007 година пред Хашкиот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија.

Неговото сведочење, старо повеќе од 18 години, е повторно релевантно бидејќи може да фрли светлина врз улогата на странските државјани, таканаречените туристички снајперисти, кои, според сведоците, плаќале да убиваат цивили за време на агресијата врз Босна и Херцеговина и опсадата на Сараево.

Џордан изјави во Хаг дека, за време на престојот во Сараево, неколку пати видел луѓе кои „не личеле на локални жители“.

„Од облеката, оружјето што го носеле и начинот на кој се движеле, било јасно дека не се од тука. Ги воделе локални луѓе, речиси како водичи“, рече Џордан.

Според неговото сведочење, тој забележал слични сцени во близина на Мостар. Тој пристигнал во Босна и Херцеговина како доброволен пожарникар кој сакал да им помогне на цивилите погодени од војната. За време на спасувачка операција, и самиот бил ранет.

Кога тогашниот судија, Патрик Робинсон, го прашал дали може да направи разлика помеѓу домашни и странски борци, Џордан одговорил потврдно:

„Да. Обучен сум да набљудувам детали. Беше очигледно дека овие мажи буквално биле водени за рака низ области со кои не биле запознаени.“

Тој исто така опишал како биле обучени „туристичките снајперисти“.

„Тие носеле комбинација од цивилна и воена облека. Но, она што ги разликувало било нивното оружје. Локалните борци имале препознатливи видови оружје, додека овие странци користеле пушки кои повеќе личеле на ловечко оружје, да речеме за лов на диви свињи, отколку на оружје за борба во урбани услови. Беше јасно дека биле надвор од контекст – странци, аматери, но опасни.“

Тој зборубаше и за тоа како снајперистите ги бирале метите.

„Во некои напади, забележав дека најчесто ги таргетирале најмладите членови на семејството. Ако возрасен и дете оделе заедно, детето било погодено. Во група девојчиња, целта често била најатрактивната. Не знам зошто. Можеби само Бог знае. Но, ако сакате да го уништите семејството, удрете го детето – тоа ги здробува сите други.“

Обвинителството во Милано, предводено од обвинителот Алесандро Гобис, сега сака да ги собере сите документи и сведоштва што му се достапни на Хашкиот суд, со цел да ги истражи наводите за евентуално учество на италијански државјани во злосторства за време на опсадата на Сараево, пишува Ла Република.

Според достапните информации, истрагата вклучува и документи од поранешната италијанска разузнавачка служба СИСМИ (сега АИСИ). Врз основа на сведочењето на босански разузнавачки службеник, СИСМИ наводно имал сознанија за присуството на италијански државјани за време на војната во Босна и Херцеговина на „викенд снајперски напади“, а во некои случаи се обидувал да ги спречи да одат на бојното поле.

Обвинителите имаат за цел да ги пронајдат организаторите на „викенд турите“ и луѓето кои им платиле да одат и да убиваат невини граѓани на Сараево за забава.

Истрагата, за која „Ил Џорнале“ објави претходно ова лето, ја отвори обвинителот Алесандро Гобис под обвинение за намерно убиство отежнато со суровост и со злобни мотиви.

Опсадата на Сараево започна на 5 април 1992 година и траеше 1.425 дена – до 29 февруари 1996 година.

Во тој период, градот беше изложен на секојдневно гранатирање и снајперски оган.

Според Центарот за истражување и документација, за време на опсадата беа убиени повеќе од 11.500 цивили, вклучувајќи повеќе од 1.600 деца.

Во просек, на градот паѓале околу 330 гранати дневно, додека најтешкиот ден бил 22 јули 1993 година, кога врз Сараево биле испукани повеќе од 3.700 гранати.

Од почетокот на опсадата, агресорот неколку пати се обидел да го отсече градот на неколку места и со тоа да го стави под целосна контрола. И покрај обидите, силите на Армијата на Република Босна и Херцеговина, со помош на полицијата и организираниот отпор на граѓаните, успеале да ги одбранат клучните делови од Сараево и да го спречат неговиот пад.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Богати Италијанци плаќале за да пукаат во цивили во Сараево за време на опсадата

Кос: БиХ ќе се ослободи од странците кога ќе влезе во ЕУ

Горан Наумовски

Се апсат ловци на педофили: Голема полициска акција во Босна и Херцеговина

Сараево: Полицијата претресуваше канцеларија на обвинител кој е под сомнение дека им открива тајни на криминалци

Голема пресметка на банди во близина на Сараево, шестмина се повредени

Горан Наумовски

Во Сараево е прогласена епидемија на лептоспироза