Коруптивните шеми и скандалите на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во земјоделството ја доведуваат во прашање европската поддршка за реализација на ИПАРД-3 програмата, вредна 128 милиони евра, вели пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
„Големиот скандал со директорот на Платежната агенција, Илија Стоилев, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, го докажува она на што постојано укажувавме – вистинската слика за ова владеење: држава заробена од партиски и лични интереси, корупција и неспособни кадри“, изјави Николовски.
Според него, поради коруптивните практики во Агенцијата, Европската унија може да ја стопира реализацијата на ИПАРД-3 програмата. Во ризик, како што посочи, се ставени 128 милиони евра европски пари, наменети за поддршка на земјоделците и агробизнисите.
„Тоа значи дека нема нови повици, нема нови договори и нема исплати за тековните проекти. Илјадници земјоделци кои ги имаат планирано своите инвестиции сега се соочуваат со неизвесност, ризик и страв да не ги изгубат вложувањата“, рече Николовски.
Тој потсети дека во 2017 година, кога СДСМ ја презеде власта, искористеноста на средствата од ИПАРД-2 програмата изнесувала само 12 проценти, но со реформите и партнерството со ЕУ, Македонија станала лидер во регионот по искористеност на европските фондови.
„Од 12% стигнавме до целосна искористеност на ИПАРД-2. Во секое село може да се види табла од еден од 2.369 реализирани проекти. Но денес, системот што го создадовме е уништен за само една и пол година власт на ВМРО-ДПМНЕ. Од први станавме последни“, порача Николовски.
Пратеникот од СДСМ побара целосна морална, политичка и кривична одговорност од сите инволвирани во скандалот.
„Македонија мора да покаже транспарентност и одговорност. Секое нарушување на довербата од страна на европските партнери го компромитира кредибилитетот на државата и води кон губење на финансиска поддршка и забавување на евроинтеграцијата“, додаде Николовски, нагласувајќи дека земјоделците не смеат да бидат жртви на партиска корупција и неспособност.
