Судијка му забрани на Трамп да ја распоредува Националната гарда во Портланд

Од:

Судијката на американскиот окружен суд, Карин Имергут, донесе пресуда со која „трајно“ ѝ забранува на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да распоредува трупи на Националната гарда во Портланд, Орегон.

Во нејзината пресуда од 106 страници, судијката напиша дека судот заклучил дека „немало „бунт или закана од бунт“, ниту пак претседателот бил „спречен да ги спроведува законите на Соединетите Американски Држави со редовни сили“ во Орегон кога наредил федерализација и распоредување на Националната гарда“ во Портланд, објави денес CBS News.

Пресудата ќе им овозможи на трупите на Националната гарда да останат под федерална контрола најмалку 14 дена.

Кон крајот на септември, Трамп објави дека ќе распореди федерални трупи во Портланд како одговор на протестите во тој град пред објектот на Службата за имиграција и царина на САД (ICE) поради репресијата на администрацијата врз имигрантите.

Администрацијата на Трамп подоцна стави 200 членови на Националната гарда на Орегон под федерална контрола и се обиде да распореди уште 200 членови на федерализираната Национална гарда на Калифорнија во Портланд.

При распоредувањето на Националната гарда, тој се повика на Член 10 од федералниот закон, кој дозволува нивна употреба ако претседателот верува дека „постои бунт или закана од бунт против авторитетот на владата на Соединетите Американски Држави“.

Како одговор на потезите на Трамп, градските и државните службеници во Портланд, Орегон и Калифорнија поднесоа тужби против распоредувањето на Националната гарда.

Портпаролката на Белата куќа, Абигејл Џексон, изјави во соопштение дека по пресудата, со која трајно се забранува распоредувањето на Националната гарда во Портланд, „фактите не се променети“.

– Среде тековните насилни немири и беззаконие, кои локалните лидери одбија да ги смират, претседателот Трамп го искористи својот законски авторитет за да ги заштити федералните вработени и имотот. Претседателот Трамп нема да затвора очи пред беззаконието што ги мачи американските градови и очекуваме да бидеме оправдани од повисокиот суд – рече Џексон.

Гувернерката на Орегон, Тина Котек, во писмена изјава изјави дека „оваа пресуда, сега четврта од ваков вид, ги потврдува фактите на терен“.

– Орегон не сака ниту има потреба од воена интервенција, а обидите на претседателот Трамп да ја федерализира Гардата претставуваат груба злоупотреба на моќта. Припадниците на Националната гарда на Орегон се отсутни од своите работни места и од своите семејства веќе 38 дена. Калифорниската Национална гарда е тука нешто повеќе од еден месец. Врз основа на оваа пресуда, повторно ја повикувам администрацијата на Трамп веднаш да ги испрати сите војници дома – рече Котек.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Орбан добил ослободување од санкциите, пред Трамп ги критикуваше ЕУ и Бајден

Катерина Ѓуровски

Трамп: Светот би бил во депресија без американските царини

ВИДЕО: Републиканците тешко поразени на изборите низ САД, Трамп веднаш ја префрли одговорноста

Катерина Ѓуровски

Трамп вели дека деновите на Мадуро се избројани

Романија е само почеток, новата одлука на Трамп го загрижува НАТО

„Вашингтон пост“: САД се подготвуваат за граѓански немири

Горан Наумовски